ОБРАЗОВЕН ПОРАЗ – PISA открива колку навистина знаат македонските ученици, резултатите се алармантни
Само 26% знаат да извлечат информација од едноставен текст - PISA со шокантни податоци.

Резултатите од Програмата за меѓународно оценување на учениците PISA, повторно покажуваат сериозни слабости во знаењето на 15-годишниците во Македонија. Учениците и натаму се далеку под просекот на развиените земји во трите клучни области – математика, читање и природни науки.
Во математиката македонските ученици освоиле просечно 369 поени, во читање 342 поени, додека во природните науки резултатот изнесува 378 поени. Науката во овој циклус беше главна област на оценување.
Особено загрижувачки се податоците за основното ниво на знаење. Само 32 проценти од учениците го достигнале минималното ниво во математика, додека во читање тоа го постигнале само 26 проценти. Во природните науки, минималното ниво на компетентност го достигнале околу 36 проценти од учениците.
Проблемите се со основни животни вештини
Резултатите покажуваат дека дел од учениците имаат сериозни тешкотии и со задачи кои се очекува да бидат основа за секојдневно функционирање.
Во природните науки, учениците имаат проблеми со толкување едноставни податоци и читање графикони. Во читањето, тешко извлекуваат информации дури и од едноставни текстови. Кај математиката, проблем претставува и разбирањето на односот меѓу количината, мерните единици и цената, вештини што се потребни и при најобично купување.
Азија доминира на светската ранг-листа
На врвот на ранг-листата по читање повторно доминираат азиските образовни системи. Меѓу најуспешните се Сингапур, Јапонија, Јужна Кореја и Тајван.
Германија е на 23-то место, САД на 13-то, Полска на 14-то, а Турција на 16-то место.
Во математиката азиските земји ги заземаат првите седум позиции, додека Естонија е на осмото место. Германија е на 26-то место, само една позиција пред САД.
Во природните науки Германија е на 23-то место, со резултат само два поени над просекот. Турција, пак, бележи значителен напредок и сега се наоѓа на 19-то место, со 18 поени повеќе во споредба со резултатот од 2022 година.
Пандемијата, дигиталното одвлекување и падот на интересот за книги
Податоците од PISA покажуваат дека во 2025 година има забележлив пад на резултатите по математика и читање во голем број земји во светот.
Авторите на студијата како една од можните причини го посочуваат затворањето на училиштата за време на пандемијата на COVID-19. Дополнително, се укажува и на влијанието на дигиталното одвлекување на вниманието, како и на сè помалиот интерес кај младите за читање книги.
PISA се спроведува од 2000 година и денес се смета за една од највлијателните меѓународни мерки за проценка на образовните постигнувања на учениците.
Резултатите се уште едно предупредување дека проблемот не е само во оценките на учениците, туку во нивната подготвеност да ги применат основните знаења во реалниот живот.

