ЗАКОНОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ПОД ЛУПА Независни советници со конкретни предлози за промени
Тие реагираат дека во процесот на подготовка на законските измени не биле консултирани советниците, иако, покрај градоначалниците, тие претставуваат вториот орган на општините.

Независни советници и граѓански организации денеска до Собранието поднесоа 20 предлози за амандмани на измените на Законот за локална самоуправа, кои се наоѓаат на дневен ред на пленарната седница закажана за среда.
Амандманите ги поднесоа претставници на здружението О2 Иницијатива, граѓанската иницијатива Шанса за Центар, како и Независни за Карпош – За заштита на Карпош. Тие реагираат дека во процесот на подготовка на законските измени не биле консултирани советниците, иако, покрај градоначалниците, тие претставуваат вториот орган на општините.
„Измените на Законот доаѓаат по 23 години, но за жал, во процесот на креирање не беа вклучени членовите на општинските совети. Нашите забелешки ги доставивме преку ЕНЕР, но ниту еден предлог не беше прифатен“, изјави Невена Георгиевска, независен советник во Општина Карпош.
Според неа, најголем дел од предложените амандмани се однесуваат на зголемување на транспарентноста во работењето на општините.
„Бараме прецизно да се утврди обврската кои информации мора да бидат јавно достапни и објавени на општинските веб-страници, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, истакна Георгиевска.
Таа додаде дека и самите советници често се соочуваат со проблеми при добивање на информации, што го отежнува нивното работење.
„Предлагаме законски да се утврдат роковите во кои институциите се должни да одговорат на нашите барања, наместо тоа да се регулира преку статутите и деловниците на поединечните општини“, рече Георгиевска.
Во предложените амандмани се предвидуваат и прекршочни казни за институции кои нема да ги достават бараните информации во законски утврден рок, со цел да се зголеми одговорноста и отчетноста на општинските власти.


