ФИЛИПЧЕ: НАШИТЕ ПРЕДЦИ СЕ БОРЕА ЗА ДРЖАВА Наша обврска е нашите деца да сакаат да живеат во неа

Претседателот на СДСМ со порака по повод 35 години независност: Македонија треба да стане држава со европски можности за младите.

ФИЛИПЧЕ: НАШИТЕ ПРЕДЦИ СЕ БОРЕА ЗА ДРЖАВА Наша обврска е нашите деца да сакаат да живеат во неа
Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по повод 8 Септември – Денот на независноста, порача дека македонската државност е создававана низ генерации, а денес секоја генерација има своја историска одговорност да ја продолжи нејзината изградба.

Филипче, во честитката објавена на Фејсбук, потсети дека годинава се одбележуваат 35 години од референдумската одлука на македонските граѓани за независна, суверена и демократска држава.

„Денес одбележуваме 35 години од историската одлука на македонските граѓани за независна, суверена и демократска држава“, напиша Филипче.

Според него, секоја генерација има своја историска улога, а на 35-годишнината од независноста фокусот треба да биде ставен на иднината и на создавање услови младите да ја гледаат својата перспектива во Македонија.

„Нашите предци се бореа да имаме своја држава. Оваа наша генерација има обврска да се избори нашите деца да сакаат да живеат во неа, да се избори за Европска Македонија“, порача лидерот на СДСМ.

Тој нагласи дека целта треба да биде изградба на држава во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа и можност за успех преку знаење и труд.

„Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа, да успеваат со знаење и труд и да имаат европски можности дома“, додаде Филипче.

Филипче ја опиша изградбата на државата како генерациска задача и повика на заедништво, достоинство и јасна визија за иднината.

„Тоа е нашата генерациска задача. Да ја продолжиме македонската државотворна линија со заедништво, со достоинство, и со јасна визија за иднината во Европа. Затоа што Македонија е сè што имаме. Нека ни е честит и вековит 8 Септември Денот на независноста!“, порача Филипче.

CATEGORIES
Share This