БАЧЕВ ЗА 8 СЕПТЕМВРИ Да си ја вратиме државата назад, национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународното право

Лидерот на Единствена Македонија порача дека 8 Септември треба да биде потсетник за враќање кон изворните илинденски и асномски принципи.

БАЧЕВ ЗА 8 СЕПТЕМВРИ Да си ја вратиме државата назад, национална држава на македонскиот народ со гарантирана положба на малцинствата според меѓународното право
Фото: Национал

Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев со порака за 8 Септември:

-„Република Македонија денес одбележува 35 години независност. Но, наместо празнична радост и гордост, кај голем дел од македонскиот народ денес преовладуваат тага, разочараност и чувство на неправда.

Независноста беше сон за слободна, суверена и достоинствена Македонија. Но, тој идеал е сериозно нарушен со, како што ги оценуваме, погубните договори со Грција и Бугарија, со кои се направија отстапки што длабоко го засегаат македонскиот идентитет, историја и национално достоинство.

Со овие политики, Македонија се откажува од делови од сопственото историско наследство. На Грција ѝ се препушта древното македонско историско наследство, додека пред Бугарија се прават отстапки во однос на средновековната и илинденската историја. Во исто време, се наметна промена на името на државата, а се отворија и прашања за идентитетот, јазикот, културата и националната традиција.

Особено болно е чувството дека сето тоа е направено спротивно на јасно изразената волја на граѓаните на референдумот во 2018 година. Народот тогаш не даде поддршка за промената на името, но политичките власти продолжија по својот пат.

Затоа, денес, 8 Септември – Денот на независноста, наместо гордост и радост, кај многумина постои чувство на понижување и разочараност од начинот на кој е водена државата во изминатите децении.

Единствена Македонија јасно и недвосмислено се залага за враќање на државата кон изворните илинденски и асномски принципи кон Македонија како слободна, суверена и достоинствена држава.

Нашата цел е поништување на сите договори и политики што се спротивни на интересите на македонскиот народ и македонската држава, со почитување на меѓународното право и принципите на суверенитет и самоопределување.

Македонија е наша татковина и наш дом. За неа мора да се бориме со истрајност, со единство и со вера во сопствената држава.

8 Септември нè задолжува да истраеме и да победиме.

Честит нека ни е Денот на независноста!

Да си ја вратиме државата назад – Македонија да биде слободна и суверена национална држава на македонскиот народ, со загарантирани права и положба на сите малцинства согласно меѓународното право и европските демократски стандарди.

Македонија над сè! – потенцираше Бачев

CATEGORIES
Share This