НЕ СУМ КРАДЕЛ, НЕВИН СУМ Груби се насмеа пред судот додека негираше вина
Поранешниот вицепремиер не признава вина во случајот со Државна лотарија, а обвинителството сега ја проценува наводната штета на 9,7 милиони евра.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска на второто рочиште за случајот со Државна лотарија изјави дека не се чувствува виновен за делото за кое е обвинет. При проверката на личните податоци, Груби кажа дека во моментов е невработен, по што се насмеа.
За невини се изјаснија и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и четворицата други обвинети, кои биле членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.
Рочиштето, сепак, беше одложено за петок, откако обвинетиот Башким Авди побара обвинението и доказниот материјал да му бидат обезбедени на албански јазик. Поради ова, тој денеска не се изјасни за вина.
Судијката Билјана Шуплиновска Јовевски го праша Авди и неговиот адвокат зошто барањето за превод не било поднесено во изминатите две недели, со оглед на тоа што станува збор за притворски предмет. Авди одговори дека не бил запознаен со законските права, но очекувал обвинението да му биде доставено на албански јазик.
Неговиот адвокат Асмир Алиспаиќ посочи дека бил ангажиран од Авди на 24 август. Одбраната оцени дека барањето за превод е законско право на обвинетиот и го отфрли обвинувањето дека станува збор за одолговлекување на постапката.
Обвинителот Александар Давчевски, пак, смета дека станува збор за обид за злоупотреба на правото на употреба на мајчиниот јазик.
„Неспорно е дека обвинетиот има право на употреба на мајчиниот јазик, но дека се работи за обид за злоупотреба на ова право говори фактот што на претходното рочиште му беа дадени преку преведувач на неговиот мајчин јазик сите поуки. Воедно, тој имаше ангажирано бранител“, рече Давчевски.
Тој додаде дека на обвинетиот му следува превод на обвинението и на пишаните материјали што се од значење за постапката, но дека начинот на преведување на доказниот материјал е регулиран со Законот за кривичната постапка.
Судијката Шуплиновска Јовевски немаше друг избор освен да го одложи рочиштето за петок. Таа апелираше постапката да не се одолговлекува, бидејќи сите обвинети се со изречени мерки.
Во рамки на денешното рочиште беше потврдено и дека на поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, ќе му се суди во отсуство. Одлуката е донесена по предлог на Јавното обвинителство, бидејќи Бајрами е во бегство и е недостапен за органите на прогонот. Него во постапката ќе го застапува адвокат ангажиран од неговата сестра, Вјолца Бајрами.
Обвинителството денеска го прочита обвинителниот предлог и ги образложи наводите против обвинетите. Во меѓувреме, обвинението е дополнително прецизирано врз основа на извршеното вештачење.
Според новите податоци, наместо првично проценетата штета од околу 8,2 милиони евра, односно 507.632.173 денари, обвинетите сега се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра, односно 596.125.511 денари.
Тие се обвинети за незаконска набавка на коцкарски машини, која, според Обвинителството, била одобрена на владина седница со која претседавал Груби.

