СЕКОЈ СЕДМИ ВРАБОТЕН ВО МАКЕДОНИЈА РАБОТИ НЕФОРМАЛНО Над 100.000 лица без формален работен однос
Земјоделството и градежништвото се секторите со најголем удел на неформално вработени.

Над 100 илјади лица во Македонија се ангажирани во неформална вработеност, а повеќе од половина од нив работат во земјоделството, шумарството и рибарството, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Според статистичките податоци, во категоријата неформално вработени се евидентирани 101.022 лица, што претставува раст од 7,2 отсто во однос на претходниот квартал.
Најголем број неформално вработени се регистрирани во секторот земјоделство, шумарство и рибарство – 51.487 лица, односно околу 51 отсто од вкупниот број.
Градежништвото е втор сектор со најголем удел, со 17,2 отсто од неформално вработените. Од ДЗС посочуваат дека сезонскиот карактер на активностите во земјоделството и градежништвото значително влијае врз движењата на неформалната вработеност.
Во анализираниот период, во земјава биле вработени вкупно 708.698 лица, додека 90.020 лица биле невработени. Активното население достигнало 798.718 лица, односно лица кои се вработени или активно бараат работа.
Стапката на невработеност изнесувала 11,3 отсто, стапката на активност 52,5 отсто, а стапката на вработеност 46,6 отсто.
Ако бројот на неформално вработени се спореди со вкупниот број вработени, нивниот удел достигнува околу 14,3 отсто. Тоа значи дека приближно секој седми вработен во земјава работи неформално.
Статистиката покажува и родова разлика на пазарот на труд. Од вкупниот број вработени, 57,7 отсто се мажи, додека 42,3 отсто се жени. Кај невработените, мажите учествуваат со 63,6 отсто, а жените со 36,4 отсто.
Во споредба со истиот период лани, бројот на вработени е зголемен за 1 отсто, активното население пораснало за 0,8 отсто, додека бројот на невработени е намален за 1,5 отсто.
Неформалната вработеност опфаќа различни облици на работа, меѓу кои ангажмани без формално регулиран работен однос, работа во нерегистрирани деловни субјекти, како и одредени категории неплатени семејни работници.

