35 ГОДИНИ ОД САМОСТОЈНОСТА Во Вила Водно ќе се сретнат младите таленти и сведоците на 8 Септември

Сиљановска-Давкова ќе прими ученици и ментори наградени на меѓународни олимпијади, а на панел-дискусија поранешни функционери, пратеници, новинари и јавни личности ќе зборуваат за процесите што доведоа до независноста.

35 ГОДИНИ ОД САМОСТОЈНОСТА Во Вила Водно ќе се сретнат младите таленти и сведоците на 8 Септември
Фото: Принтскрин

По повод 8 Септември – Денот на независноста и 35-годишнината од осамостојувањето на државата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Вила Водно ќе приреди прием за талентирани ученици и нивните ментори од основните и средните училишта.

На приемот ќе бидат присутни ученици кои во учебната 2025/2026 година учествувале на меѓународни научни олимпијади и натпревари, при што дел од нив се закитиле со медали, награди и признанија. На настанот ќе присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска, соопштија од Кабинетот на претседателката.

Во 9 часот во Вила Водно ќе се одржи и панел-дискусија на тема „8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци“.

Покрај претседателката Сиљановска-Давкова, на дискусијата ќе учествуваат поранешни политичари и државни функционери, пратеници, новинари и други јавни личности.

На панелот ќе се говори за политичките, институционалните и општествените процеси што претходеа на создавањето на независната македонска држава, а учесниците ќе ги споделат своите сведоштва и видувања за историските настани поврзани со 8 Септември.

CATEGORIES
Share This