42 ПОЖАРИ ВО ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ Пет и натаму активни, огнот стигна и до Косово
ЦУК информира дека 32 пожари се целосно изгаснати, а пет се ставени под контрола.

Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани 42 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, пет се ставени под контрола, а 32 целосно се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според податоците заклучно со 7:30 часот, активни се пожарите кај селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, каде што огнената линија се шири и на територијата на Косово.
Активен е и пожарот во месноста Рамно, кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево, како и пожарот на потегот меѓу селата Буринец, Локов и Селце во Струшко.
Оган има и кај селото Белица во Општина Македонски Брод и кај селото Милетино во Општина Брвеница.
Под контрола се пожарите кај селата Кнежино и Добреноец и кај Тајмиште во Општина Кичево, кај Копаница во Општина Сарај, како и пожарот на градската депонија во Делчево.
Пожарот меѓу селата Руѓинце и Орах во Општина Старо Нагоричане исто така е ставен под контрола.
Во текот на вчерашниот ден целосно се изгаснати 32 пожари на повеќе локации низ државата. Интервенции имало во општините Петровец, Гази Баба, Студеничани, Чучер-Сандево, Ѓорче Петров, Сарај, Теарце, Кратово, Куманово, Липково, Берово, Штип, Струга, Кичево, Долнени, Битола, Новаци, Гевгелија, Ново Село, Струмица, Крушево, Охрид и Градско.

