СКОПЈЕ СТАНУВА СВЕТСКИ ЦЕНТАР НА ГЕОТЕХНИКАТА Над 500 експерти од 53 земји доаѓаат на EUROCK 2026

Проф. д-р Милорад Јовановски ексклузивно за „Национал“: 224 научни трудови, врвни светски научници и една клучна тема - „Справување со ризици во инженерството на карпите“

СКОПЈЕ СТАНУВА СВЕТСКИ ЦЕНТАР НА ГЕОТЕХНИКАТА Над 500 експерти од 53 земји доаѓаат на EUROCK 2026
Фото: Национал

Во организација на Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ) и коорганизација на Градежниот факултет во Скопје во периодот од 15.09.2026 до 19.09.2026 година, во Скопје, ќе се одржи Меѓународниот Симпозиум за механика на карпи и инженерство во карпите EUROCK2026.

Токму тоа е повод за разговор ексклузивно за порталот Национал со професор д-р Милорад Јовановски, еминентен професор по Инжинерска Геологија, Геомеханика и Геотехника на Градежниот факултет – Катедра за геотехника при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје. Професорот Јовановски е добитник на престижниот „Голем златен медал на честа“(Great Gold Medal of Honour) од Австриската асоцијација на инжинери и архитекти за неговиот придонес во инжинерската геологија (2019) за неговиот научен и практичен придонес. Со неговиот експертски истражувачки фокус вклучува стабилност на падини, подземни ископи и карпести маси…

НАЦИОНАЛ: Професоре Јовановски, во периодот од 15.9.2026 до 19.9.2026 година, во Скoпje, треба да се одржи Европскиот Симпозиум за механика на карпи и инженерство во карпите EUROCK2026. Можете ли да кажете некои детали за овој настан и која е носечката тема?

ЈОВАНОВСКИ: Овој Симпозиум е еден од најзначајните настани во светот оваа година во оваа област и е под покровителство на Меѓународното здружение за механика на карпите и инженерство во карпите (ang. International Society for Rock Mechanics and Rock Engineering- ISRM). Носечка тема е со наслов: …”Risk management in Rock Engineering…”, или на македонски јазик “Справување со ризици во инженерството на карпите”.

За да се потенцира значењето на оваа тема, доволно е да се спомне само „ последниот трагичен настан во Непал, каде поради појава на голема нестабилност на теренот во зона на глечери и после тоа предизвикана голема поплава се појавија драстични штети и во Непал и во Кина, проследено за жал со голем број на жртви“.

НАЦИОНАЛ: Професоре, како експерт, можете ли да кажете нешто подетално за научните аспекти на оваа тема, како и составот на гостите?.

ЈОВАНОВСКИ: На настанот се имаат пријавено учесници од 53 земји од сите континенти. Се очекуваат околу 450 до 500 гости, се прифатени 224 трудови кои се рецензирани од меѓународен организациониот одбор и ќе бидат печатени во два тома со над 1800 страници. Покрај тоа, на првиот ден ќе имa и седум (7) работилници, има 7 (седум) повикани предавања и други активности каде свои презентации ќе имаат врвни научници од цел свет.

Составот на гостите е таков, што всушност го отсликува врвот на научната мисла во областа на механиката на карпите и геотехниката. На настанот ќе присуствуваат најголем дел на Управниот одбор на ISRM (informacion Security  RiskManagement ili Управување со ризици во информациската безбедност), преставен од актуелниот Претседател професор, Сеоквон Џеон од Јужна Кореја, неговиот претходник професор Ресат Улусај од Турција (којшто истовремено е и визитинг професор при Градежниот факултет), новоизбраниот претседател проф. Серџо Фонтура од Бразил, како и еден од минатите претседатели професорот Ша Тинг Фенг од Кина. Повиканите предавачи се всушност најрепрезентативните и највисоко рангирани научници во светот, чии биографии заинтересираните може да ги прочитаат на web страницата на Симпозиумот eurock2026.com.

Покрај нив, има голем број на инженери од практиката, презентации на најистакнати светски и македонски компании од областа на геотехниката, градежништвото и рударството, па затоа со право, овој настан  се смета за еден од најзначаните во светот во оваа област за оваа година.

Меѓународното здружение за механика на карпите и инженерство во карпите е формирано далечната 1962 година во Салцбург. Иницијатор за формирање е славниот професор Леополд Милер, кои заедно со уште пославниот професор Карл Терцаги на полето на механиката на почвите и Јозеф Стини на полето на инженерската геологија се сметаат за легенди не само на Австриската туку и на светската  геотехничка наука. Леополд Милер е и првиот претседател на ISRM oд основањето до септември 1966 година. ISRM e научно здружение каде членуваат над 60 Национални групи, а во моментов има oколу 7500 активни членови.

НАЦИОНАЛ: Професоре, рековте дека главен организатор е Друштвото за геотехника на Македонија а коорганизатор Градежниот факултет. Може ли да појасниме некои аспекти за ова Друштво.

ЈОВАНОВСКИ: Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ) е формирано во 1998 година и од тогаш е многу активно во промоција на македонската геотехничка наука и мисла. Ова Друштво е активен учесник и член во поголем број на меѓународни здруженија како спомнатото Меѓународното здружение за механика на карпите и инженерство во карпите, понатака Меѓународното здружение за механика на почви и геотехничко инженерство (ISSMGE-Interational Society for Soil Mechanics and Geotechnical Engineering) и Меѓународниот Конзорциум за свлечишта (ICL – International Consotrcium for Landslides).

Друштвото редовно оддржува Национални Симпозиуми за геотехника, а досега има организирано голем број на работнилници, предавања и меѓународни настани како на пример XVI Подунавска Европска Конференција за геотехничко инженерство во 2018 година, ISRM Спонзорирана конференција во 2022 година, XVII Европска конференција за млади геотехнички инженери во 2024 година и оваа година EUROCK2026. Наредните години веќе има добиено за организација настан RESYLAB2027 (Симпозиум поврзан со свлечишта) и заедно со Хрватското Геотехничко Друштво во 2029 година е коорганизатор на IX  Мегународна Конференција за геотехничко земјотресно инженерство (9th International Conference on Earthquake Geotechnical Engineering).

Треба да се одбележи  благодарение на континуираната активност и посветеноста на членството, денес македонската геотехничка наука е многу ценета во светот. На пример, вреди да се одбележи дека Друштвото за геотехника во Салцбург- Австрија на Светската конференција за Механика на карпи, доби награда како најдобра национална група во рамките на ISRM за период од 2021 до 2023 година. Исто така, во 2024 година, од страна на Инженерска институција на Македонија, како најстара Инженерска асоцијација кај нас, добивме награда за најјактивно инженерско здружение.

Членови на ДГМ се дел од Управните одбори на меѓународните здруженија при што јас во моментов сум Заменик претседател на ISRM, а професор Јован Папиќ од Градежниот факултет е дел од управните органи на ISSMGE. Сето ова ценам дека е големо достигнување за сите колеги од ДГМ, Градежниот факултет и Универзитетот. На ова може да се горди сите претходни претседателства и членови на ДГМ, без чие залагање не беше можно да се дојде до ова ниво, но треба да е и основа за уште поголем ангажман за да се надмине ова ниво.

НАЦИОНАЛ: Со оглед на вашето долгогодишно искуство, работа со голем број домашни и меѓународни инженерски здруженија и соработка со голем број компании кај нас и во опкружувањето, дали можете да дадете мислење за состојбата во која се наоѓа македонската наука и кои би биле придобивките од одржување на еден ваков настан.

ЈОВАНОВСКИ: Сите во државата се сложуваат дека нашата научна мисла може да биде на повисоко ниво. Заради сплет на околности поврзани со состојбата со легислативата, нивото на вложувањата во науката, нивото на лично залагање на секој научник и цела серија на општествени прилики во тек на подолг период, јасно е дека македонската наука во моментот не е на ниво кое би можела да биде.

Ако може да се сублимира на кратко, секако дека се работи за повеќеслоен проблем, кој налага во периодот којшто следи да се прават храбри и’ и темелно осмислени чекори, кои треба да се преточат во долгорочна стратегија која ќе ја спроведуваат доследно сите општестени чинители. Ова е макотрпен процес кој може да даде ефекти само со систематска работа во наредниот период од дваесетина години. Ова заслужува посебна елаборација при некоја друга можност.

Во секој случај, овај Симпозиум ќе биде една од точките која ќе даде значаен поттик посебно за геотехниката, градежништвото, геологијата, рударството но и енергетиката не само кај нас туку и пошироко, бидејки темите кои ќе се разгледуваат се многу актуелни. На пример, има теми кои се поврзани со складирање на загадувачи како CO2 во подземјето, искуства со големи рударски проекти, климатски влијанија врз теренот па се до теми за иднината како на пример т.н планетарна механика на карпи.

На крај ќе парафразирам една изрека од еден од најголемите научници на полето на механиката на карпите и тунелоградбата д-р Ник Бартон од Норвешка, кој, исто така е визитинг професор при Градежниот факултет и е еден од повиканите предавачи, кој на едно предавање пред млади инженери во Санкт Петербург во 2018 година, каде што стои: Кариерата во механиката на карпите и инженерството на карпите (читај градежништвото) е избор за којшто никогаш нема да зажалите.

Заклучокот е дека македонската наука може да се промовира и на овој Европско-светски симпозиум во Скопје. Со успех!

CATEGORIES
TAGS
Share This