АРГЕНТИНА ПОВТОРНО ГИ РАЗБРАНУВА ФОЛКЛАНДИТЕ Британија испраќа јасна порака и го крева алармот
Заканите од Аргентина го засилија притисокот врз Лондон, од каде бараат зголемување на буџетот за одбрана на 3 отсто од БДП.

Претседателот на Комитетот за одбрана на британскиот парламент од редовите на Лабуристичката партија, Тан Деси, оцени дека најновите закани од аргентинскиот претседател Хавиер Милеј во врска со Фолкландските Острови се дополнителен сигнал дека Велика Британија мора да ги зголеми издвојувањата за одбрана.
Деси смета дека британската влада треба да ги зголеми воените трошоци на три отсто од бруто домашниот производ до 2030 година. Според него, премиерот Енди Бернам и министерот за финансии не треба да ги одложуваат одлуките за зголемување на буџетот за одбрана до следната година, објави „Гардијан“.
Во меѓувреме, британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд порача дека позицијата на Лондон за Фолкландските Острови останува непроменета.
„Островите се британски и ќе останат такви, затоа што тоа е волјата на мнозинството нивни жители. Нивното право на самоопределување е од најголема важност и е засновано на меѓународното право“, порача Милибанд во објава на социјалните мрежи, пренесе „Блумберг“.
Од друга страна, кабинетот на аргентинскиот претседател Хавиер Милеј соопшти дека е отворена истрага против потенцијални инвеститори заинтересирани за нафтени проекти во водите околу Фолкландските Острови.
Островите се под британска администрација, но Аргентина полага право врз нив и не го признава британскиот суверенитет.

