МИЦОТАКИС СО ГОЛЕМ ЕКОНОМСКИ ПАКЕТ Пониски даноци и минимална плата од 1.000 евра
Грчкиот премиер најави даночни олеснувања за повеќе категории граѓани и постепено зголемување на минималната плата до 2028 година.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави четиригодишен економски план со кој се предвидува намалување на даноците и постепено зголемување на минималната плата на 1.000 евра до 2028 година.
Планот беше претставен во неговиот синоќешен говор на Меѓународниот саем во Солун, еден од најзначајните годишни политички и економски настани во Грција. Мицотакис порача дека мерките треба да донесат „скок на просперитетот за сите“, во период кога неговата партија се соочува со пад на поддршката пред парламентарните избори во 2027 година.
Според најавите, даночни олеснувања ќе добијат земјоделците, самовработените, пензионерите и вработените во јавниот сектор. Посебно внимание е посветено на земјоделците, кои се соочуваат со доцнење на исплатите по скандалот поврзан со субвенциите од Европската Унија.
Мицотакис најави и укинување на данокот за граѓаните со годишни приходи до 20.000 евра, како и нова рамка за долгорочна заштита на сточарите од заразни болести кај животните.
Меѓу мерките е и воведување рочни штедни сметки за секое новородено дете, со цел да се поттикне долгорочното штедење.
Редовните парламентарни избори во Грција треба да се одржат во 2027 година, иако во јавноста веќе извесен период се шпекулира и за можноста за предвремени избори.
Двајца грчки владини претставници за „Еурактив“ изјавиле дека во моментов најверојатно е изборите да се одржат во средината на мај 2027 година, само неколку недели пред Грција да го преземе ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ во јули.

