МИЦКОСКИ Македонија годинава може да оствари раст на БДП до 4 отсто

Премиерот вели дека земјава има најголем економски раст во регионот и покрај глобалната криза.

МИЦКОСКИ Македонија годинава може да оствари раст на БДП до 4 отсто
Фото: Принтскрин

Македонската економија годинава би можела да оствари раст на БДП од 3,5 до 4 проценти, очекува премиерот Христијан Мицкоски. Тој оценува дека позитивниот економски тренд продолжува и покрај сложените глобални услови, енергетската криза и економските проблеми во Европа.

Одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираната Стара чаршија во Гевгелија, Мицкоски посочи дека Македонија во вториот квартал бележи исклучително силна економска активност.

„Во вториот квартал има исклучително силна економска активност во Македонија. Убедливо најголема во регионот“, изјави премиерот.

Тој додава дека Македонија има најголем раст и во првото полугодие, споредено со повеќе земји од регионот.

Мицкоски потсети дека 2024 година завршила со раст од околу 3 проценти, 2025 со 3,5 проценти, додека во првата половина од 2026 година растот изнесува 3,7 проценти.

Тој оцени дека резултатите се особено значајни имајќи ги предвид глобалните економски предизвици, војната во Украина и забавувањето на европската економија.

Премиерот нагласи дека Владата продолжува да работи на решавање на, како што рече, наследените проблеми, но призна дека не се е решено.

„Дали е сè решено? Не е решено. Дали ќе се решава? Ќе се решава. Важно е да не правиме нови проблеми“, рече Мицкоски.

Според него, по повеќе од две години работа, Македонија денес е подобро место за живеење отколку пред три години, а очекува во следните три години условите дополнително да се подобрат.

CATEGORIES
Share This