СИЉАНОВСКА ДО ПИРС Потребен е нов пристап за деблокирање на европскиот пат

Сиљановска ѝ укажала на Пирс дека откако станало јасно оти Преговарачката рамка не може да се менува, а уставните измени со одложено дејство не се опција, решението треба да се бара во нови пристапи кон постоечките механизми.

СИЉАНОВСКА ДО ПИРС Потребен е нов пристап за деблокирање на европскиот пат

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, гледа можност за деблокада на евроинтегративниот процес преку креативно толкување на Преговарачката рамка, со акцент на улогата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Ова го истакнала на средбата со специјалната пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Карен Пирс.

Сиљановска ѝ укажала на Пирс дека откако станало јасно оти Преговарачката рамка не може да се менува, а уставните измени со одложено дејство не се опција, решението треба да се бара во нови пристапи кон постоечките механизми. Таа потенцирала дека Македонија преговара со Европската Унија, а не со Бугарија, и дека процесот треба да се врати на европските вредности и критериуми.

„Оценувањето на напредокот треба да биде меритократско, засновано на исполнување на Копенхашките критериуми“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката.

Таа исто така предупредила на негативното влијание од билатералните условувања и честите блокади кои го нарушуваат кредибилитетот на проширувањето.

Според неа, македонските граѓани се заморени од двојните стандарди и политичките преседани што го обременуваат евроинтегративниот процес. Таа подвлекла дека негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот на македонските граѓани, е спротивно на основните европски вредности.

Специјалната пратеничка Карен Пирс, иако претставник на земја која веќе шест години е надвор од Унијата, изразила разбирање за потребата од деблокада на македонскиот пат кон ЕУ. Соговорничките, според официјалните информации, разменија мислења и за состојбите на Западен Балкан, со акцент на важноста од регионална стабилност и просперитет.

CATEGORIES
Share This