ПЛАЌАМЕ ЗА ДА ГИ ЧИТАМЕ СОПСТВЕНИТЕ ЗАКОНИ ЦУП бара „Службен весник“ да биде бесплатен
Македонија заостанува зад Хрватска, Словенија, Германија и Франција, каде службените гласила се бесплатно достапни онлајн.

Центарот за управување со промени (ЦУП) предлага законски измени со кои граѓаните, бизнисите, медиумите и институциите би добиле бесплатен електронски пристап до сите изданија на „Службен весник“, вклучително и до оние од тековната година.
Иницијативата е доставена до Министерството за правда, а од ЦУП велат дека бесплатниот пристап би придонел за поголема правна сигурност, транспарентност и отчетност на институциите.
Архивата на „Службен весник“ од изминатите години и сега е бесплатно достапна преку веб-страницата на јавното претпријатие. Проблемот, според ЦУП, е што пристапот до изданијата од тековната година се наплаќа преку месечна или годишна претплата.
Годишната претплата за печатеното издание изнесува 16.650 денари, додека месечната е 1.650 денари. За електронското издание годишната претплата изнесува 7.000 денари по корисник.
„Не можеме да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен пристап до општите правни прописи на државата“, наведуваат од ЦУП, оценувајќи дека станува збор за системска аномалија која треба да биде отстранета.
Оттаму сметаат дека Собранието и Владата имаат обврска да обезбедат слободен и бесплатен пристап до законодавството.
Барањето да стане дел од законските измени
ЦУП предлага во Предлог-законот за изменување на Законот за објавување на општите правни прописи, кој веќе е објавен на платформата ЕНЕР, експлицитно да се внесе одредба со која ќе се гарантира бесплатен пристап до сите прописи и јавни огласи.
Предлог-законот, објавен на ЕНЕР на 23 декември 2025 година, предвидува задолжително електронско издание на „Службен весник“, додека печатеното издание би се објавувало по потреба. Од ЦУП сметаат дека токму овој процес треба да се искористи за суштинска промена.
„Пристапот до законите, другите општи прописи и јавните огласи не може да биде предмет на наплата и мора непречено да бидат јавно достапни“, предлагаат од организацијата.
Електронската претплата носи мал дел од приходите
Според анализата на ЦУП, приходите од електронското издание сочинуваат само околу 7 отсто од вкупните приходи на ЈП „Службен весник“. Оттаму оценуваат дека евентуалниот финансиски ефект од укинувањето на претплатата може да се надомести со промена на начинот на издавање на печатеното издание.
Како едно од решенијата се предлага укинување на редовната печатена претплата и воведување печатено издание по поединечна нарачка. Според ЦУП, ваквиот модел не само што би ја надоместил потенцијалната загуба од бесплатниот електронски пристап, туку би можел да донесе и дополнителен приход за јавното претпријатие.
Хрватска, Словенија, Германија и Франција веќе имаат бесплатен пристап
Во споредбената анализа ЦУП посочува дека повеќе европски држави обезбедуваат бесплатен електронски пристап до своите службени гласила.
„Народни новини“ на Хрватска, како еквивалент на македонскиот „Службен весник“, се достапни бесплатно и електронски. Бесплатен пристап има и до „Уреден лист“ на Словенија.
И службените гласила на Германија и Франција се достапни без надомест, додека се наплаќаат само дополнителни услуги.
Од ЦУП сметаат дека во услови на забрзана дигитализација нема оправдана причина Македонија да заостанува во оваа област.
Според нив, бесплатниот електронски пристап до „Службен весник“ би бил и симболичен начин државата да ја одбележи 35-годишнината од независноста, со конкретна мерка што директно го олеснува пристапот на граѓаните до законите и прописите.

