НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ ДА ЈА ПОНИЖУВАТЕ СРБИЈА Вучиќ жестоко до Марта Кос

Српскиот претседател порача дека не го загрижува откажувањето на посетата, туку критиките на европската комесарка кон Србија.

НЕМА ДА ДОЗВОЛАМ ДА ЈА ПОНИЖУВАТЕ СРБИЈА Вучиќ жестоко до Марта Кос
Фото: Принтскрин

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој престојува во Севернобачкиот округ, ја коментираше одлуката на европската комесарка за проширување Марта Кос да ја одложи посетата на Србија, нагласувајќи дека многу повеќе од самото откажување го загрижуваат нејзините изјави за случувањата во земјата.

Вучиќ оцени дека одлуката не претставува изненадување и дека очекувал таков развој на настаните.

„Она што Н1 имаше да го пренесе, го напиша самата. Секогаш кога има нешто лошо за Србија, таа е гласник и предвесник на тоа. Ништо ново“, изјави Вучиќ.

Тој го оцени образложението за одложувањето на посетата како „екстремно кратко и глупаво“, посочувајќи дека во него се споменува и наводната глорификација на генералот Ратко Младиќ. Според Вучиќ, во таквите критики не се наведува кој конкретно го глорифицирал Младиќ и што точно направил, туку се споменуваат и други теми, меѓу кои и надвозници.

„Претпоставувам дека требаше да им забраниме на луѓето да го пречекуваат“, рече Вучиќ.

Тој додава дека српскиот народ е „презаситен од казни и киднапирања и ослободителни пресуди за другите“. Српскиот претседател истакна дека за него поважно е да се следат резултатите и политичката поддршка отколку посетата на европската комесарка.

„Чекам таа 16-ка. Тоа ми е поважно од Марта Кос“, рече Вучиќ.

Вучиќ додава дека сакал да разговара со неа и да ја информира за, како што тврди, зголемувањето на предноста на неговата страна пред политичките противници. Ја обвини и ЕУ за, како што наведе, двојни стандарди во односот кон Србија. Тој спомена молк околу погребот на Расим Делиќ, како и реакции на, според него, „изливи на нацистичко лудило“ во Хрватска.

„Но, ние мора да бидеме прогласени за најлоши. Јас немам таков проблем, се помирив со судбината. Јас се борам за Србија и Марта Кос нема да ми држи предавања за тоа кој е чудовиште“, порача Вучиќ.

Тој нагласи дека не му пречи што Кос ја откажала посетата, туку начинот на кој, според него, зборува за Србија.

„Ѝ посакувам сè најдобро. Не ми пречи што не доаѓа, ми пречи што ги коментира. Нема да дозволам да ја понижувате земјата и не лажете“, рече српскиот претседател.

Вучиќ додаде дека смета оти дел од политичките актери имаат интерес вниманието да биде насочено кон случувањата во Србија, бидејќи очекуваат некои од нив да победат на идните избори. На крајот, тој порача дека откажувањето на посетата за него значи можност повеќе време да помине со граѓаните.

„Ќе имам уште едно попладне да поминам со граѓаните. Се чувствувам подобро со народот, со сето должно почитување кон Марта Кос“, заклучи Вучиќ.

CATEGORIES
Share This