ПРЕТСТАВАТА УНА ВО МНТ НА 7 И 9 СЕПТЕМВРИ Големиот интерес донесе уште една изведба

Наградуваната претстава на Звездара театар од Белград, во режија на Дејан Пројковски и со Никола Ристановски во главната улога, повторно пред скопската публика.

ПРЕТСТАВАТА УНА ВО МНТ НА 7 И 9 СЕПТЕМВРИ Големиот интерес донесе уште една изведба
Фото: Принтскрин

Поради големиот интерес кај публиката, наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар од Белград ќе биде изведена во Македонскиот народен театар на 7 и 9 септември.

Билетите за двете изведби се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ, како и на билетарницата на театарот, која работи секој работен ден од 13 до 20 часот.

„Уна“ во Скопје пристигнува како едно од впечатливите регионални театарски остварувања, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, со Никола Ристановски во главната улога.

Претставата е базирана на драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор. Таа носи интимна и емотивна приказна во која се испреплетуваат љубовта, сеќавањата, минливоста и животните избори.

Ристановски го толкува ликот на професорот Мишел Бабиќ, а неговото актерско остварување во „Уна“ е проследено со одлични реакции од публиката и критиката, но и со значајни фестивалски признанија. Во претставата настапуваат и Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

Со својата препознатлива режисерска естетика, Пројковски ја гради „Уна“ како интимна и визуелно впечатлива приказна, во која личната драма прераснува во универзална тема за човекот, слободата и љубовта.

Квалитетот на претставата е потврден со повеќе фестивалски награди. Никола Ристановски ја доби наградата „Зоранов брк“ за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и признанијата за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и на фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука.

„Уна“ ја освои и наградата од публиката на „Денови на Зоран Радмиловиќ“, додека на фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац беа доделени наградите за најдобра претстава и наградата од публиката.

CATEGORIES
Share This