СТАНОВИТЕ НА ГРУЕВСКИ ПОВТОРНО СЕ ПРОДАВААТ Цената падна за околу 200.000 евра
По три неуспешни обиди, државата ги намали цените за околу 200.000 евра по апартман и повторно ги стави на јавно наддавање.

Трите луксузни апартмани во комплексот „Панорама Резиденс“ на Водно повторно се понудени на продажба, но овојпат со значително пониски почетни цени. По три неуспешни обиди да се најдат купувачи, Агенцијата за управување со одземен имот ги намали цените за околу 200.000 евра по апартман.
Имотот е одземен со правосилна пресуда во предметот „Плацеви на Водно“, во кој обвинителството тврдеше дека становите претставуваат скриен имот поврзан со поранешниот премиер Никола Груевски.
Најголемо намалување има кај апартманот со површина од 199 квадратни метри. Претходно беше понуден за 847.000 евра, а сега почетната цена е намалена на 635.200 евра.
Апартманот од 155 квадратни метри, кој претходно се продаваше за 760.000 евра, сега е понуден за 569.662 евра. Третиот, со површина од 200 квадратни метри, има почетна цена од 638.000 евра, што е околу 212.000 евра помалку од претходната понуда.
Трите апартмани заедно имаат вкупна површина од 750 квадратни метри. Становите се луксузно опремени и располагаат со пространи балкони од по 48 квадратни метри.
Апартманот од 155 квадратни метри, покрај балконот, според објавените фотографии располага и со џакузи. И останатите два апартмани, од 199 и 200 квадратни метри, имаат балкони со површина од по 48 квадратни метри.
Заинтересираните купувачи ќе можат да ги разгледаат становите на 10 септември, додека електронското јавно наддавање е закажано за 21 септември.
Предметот „Плацеви на Водно“ се однесува на незаконско стекнување имот и злоупотреба на партиски донации. Никола Груевски во прв степен беше осуден на седум години затвор, по што Апелацискиот суд ја преиначи пресудата и ја зголеми казната на девет години.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски, тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, наместо средствата да ги прикаже како донации на партијата, наводно прибавил околу 1,3 милион евра за себе. Според обвинителството, средствата потоа биле користени за купување парцели на Водно.

