ЌЕ ГИ БЛОКИРАМЕ ТОВАРНИТЕ ТЕРМИНАЛИ Транспортерите од Западен Балкан најавија протест на 14 септември
ЕУ не отстапува од правилото 90/180 за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Професионалните транспортери од Западен Балкан нема да се откажат од најавената блокада на граничните премини кон земјите од Европската Унија на 14 септември, изјави претседателот на Здружението на транспортери на Србија „Меѓународен транспорт“, Неѓо Мандиќ.
Причина за протестот е ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во период од 180 дена. Од Европската комисија, пак, порачаа дека ова правило засега нема да биде променето.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, изјави дека ЕУ е свесна оти одредени професионалци од трети земји, меѓу кои и меѓународните возачи, имаат потреба од подолг престој во Шенген-зоната, но нагласи дека правилото 90/180 останува во сила.
„Ќе протестираме на 14 септември. Ќе ги блокираме товарните терминали и железничките терминали за полуприколки“, изјави Мандиќ.
Тој оцени дека Европската Унија само декларативно го препознава проблемот со професионалните возачи, но досега не презела конкретни мерки за негово решавање.
„ЕУ ја раскажува својата приказна, дека го препознала фактот оти професионалните возачи на камиони имаат потреба од подолг престој од 90 дена во период од 180 дена, но ништо не направи за да го реши проблемот“, рече Мандиќ.
Системот за влез/излез (EES), кој овозможува електронска регистрација и следење на престојот на државјани од земји надвор од ЕУ, започна со примена на границите на Шенген-зоната кон Западен Балкан на 12 октомври 2025 година.
По завршувањето на пробниот период на 10 април, системот започна со целосна имплементација. Возачите кои ќе го надминат дозволениот престој од 90 дена во рамки на 180 дена може да бидат вратени во земјата на живеење.
Дополнителен проблем е што во такви случаи товарот може да остане на местото каде што е извршена контролата, што создава сериозни последици за меѓународниот транспорт и логистичкиот сектор.
И покрај најавената блокада, од Европската комисија засега нема најава за промена на правилото 90/180.
ПРЕВОЗНИЦИТЕ НА ПРОТЕСТ ПРЕД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ Бараат решение за македонските возачи во Шенген

