СОБРАНИЕТО ДЕНЕСКА СО ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА На дневен ред десетици законски измени
Комисиите ќе расправаат за закони од економијата, финансиите, здравството, безбедноста, земјоделството, пензиите, урбанизмот и јавната администрација.

Собраниските комисии денеска ќе одржат повеќе седници на кои ќе разгледуваат низа предлог-закони и законски измени од различни области – економија и финансии, здравство, земјоделство, транспорт, безбедност, локална самоуправа, култура и јавна администрација.
Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе расправа за законите поврзани со задолжителните нафтени резерви, Геолошкиот завод, државната статистика, метрологијата и инспекцијата на трудот. На дневен ред се и измените на законите за Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Државниот пазарен инспекторат и технолошко-индустриските развојни зони, како и дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе ги разгледува измените на повеќе закони, меѓу кои оние за вештачење, административни службеници, извршување на санкциите, катастар на недвижности, управување со конфискуван имот и инспекцискиот надзор.
На Комисијата за одбрана и безбедност ќе се разгледуваат измените на Законот за класифицирани информации, како и законите за управување со кризи и заштита и спасување.
Комисијата за локална самоуправа ќе расправа за измените на законите за Државниот инспекторат за локална самоуправа и за рамномерен регионален развој.
На дневен ред на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство се измените на законите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, безбедност на храната, здравјето на растенијата и Државниот инспекторат за земјоделство.
Комисијата за здравство ќе ги разгледува измените на законите за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, здравственото осигурување, како и Законот за лековите и медицинските средства.
Комисијата за финансирање и буџет ќе го разгледува Предлог-законот за државната ревизија во прво читање. Пред членовите ќе се најдат и измените на законите за Фондот за осигурување на депозити, Царинската управа, јавните набавки, Централниот регистар, стоковните резерви и Управата за јавни приходи.
Комисијата за култура и туризам ќе расправа за измените на Законот за употребата на македонскиот јазик.
Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе разгледува измени на законите за урбанистичко планирање, архивски материјал и архивска дејност, сигурност во железничкиот систем, внатрешна пловидба и животната средина.
Комисијата за социјална политика, демографија и млади ќе ги разгледува измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за Регистарот на задолжително социјално осигурување.
Дополнително, Законодавно-правната комисија ќе расправа за Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за Предлог-законот за државната ревизија во прво читање. На дневен ред се и законските измени од областа на економијата, јавните набавки, здравственото и пензиското осигурување, урбанизмот, управувањето со кризи, заштитата и спасувањето, како и јавната администрација и инспекцискиот надзор.
Со денешната агенда, собраниските комисии отвораат расправа за голем број законски измени што опфаќаат значајни сегменти од функционирањето на државата и јавните институции.

