ЈАНЕВСКА ДО НАСТАВНИЦИТЕ – Ново зголемување на платите во март 2027

Јаневска најави раст на платите, додека бројот на ученици драматично се намалува.

ЈАНЕВСКА ДО НАСТАВНИЦИТЕ – Ново зголемување на платите во март 2027
Фото: Принтскрин

Министерката за образование Весна Јаневска најави ново зголемување на платите на наставниците во март следната година, согласно договорот со СОНК. Во исто време, образовниот систем се соочува со сериозен пад на бројот на ученици.

„Тие се безбедни, не треба да мислат на платите, платите ќе се покачуваат секоја година. Следната година во март повторно ќе бидат покачени платите на наставниците“, изјави Јаневска при посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром.

Таа предупреди дека демографскиот пад веќе има сериозни последици врз училишната мрежа. Годинава има околу 3.000 првачиња помалку во однос на лани, поради што 26 подрачни училишта привремено ќе бидат затворени, а 148 училишни објекти се без ученици.

Во учебната 2026/2027 година ќе има и 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование.

Јаневска смета дека оптимизацијата на училишната мрежа е неопходна за подобри услови за учениците, поголема социјализација и поквалитетна настава.

Според неа, реформите во образованието нема да дадат резултати преку ноќ. Првите ефекти се очекуваат за пет до шест години, додека целосните резултати би можеле да се согледаат за девет до десет години.

CATEGORIES
Share This