МАКЕДОНИЈА СЕ ПРАЗНИ 8.000 деца помалку, 433 паралелки исчезнаа
Премиерот Мицкоски истакнува дека демографијата е 90 проценти од проблемот, иселувањето е дополнителен удар.

Демографскиот пад е главната причина за намалувањето на бројот на ученици и затворањето на дел од училиштата во земјава, оцени премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на новата учебна година. Мицкоски посочи дека во 2025 година во Македонија се родиле околу 15.650 деца, додека во годините пред пандемијата бројот на новородени годишно се движел меѓу 22.000 и 23.000.
„Станува збор за 7.000 до 8.000 деца помалку во рок од седум-осум години“, рече премиерот.
Според него, намалувањето на бројот на новородени директно се одразува и врз образовниот систем. Доколку се земе просек од 20 ученици во една паралелка, 7.000 до 8.000 деца помалку значат околу 350 паралелки помалку, што е капацитет еднаков на приближно 70 училишта со по пет паралелки.
Мицкоски оцени дека демографијата учествува со околу 90 проценти во намалувањето на бројот на ученици, додека како дополнителен фактор го посочи иселувањето.
Последиците веќе се видливи низ училиштата. Оваа учебна година има 433 паралелки помалку, 222 во основното и 211 во средното образование, откако Министерството за образование и наука одлучи да се спојат малите паралелки.
Премиерот најави дека Владата прво ќе се обиде да го стабилизира падот на бројот на населението, а потоа да создаде услови за негово зголемување. Според него, со слични демографски предизвици се соочуваат и повеќе европски држави.
На почетокот на учебната година, Мицкоски им посака успешни училишни денови на сите ученици, особено на првачињата, кои денеска за првпат седнуваат во училишните клупи.
По пуштањето во употреба на доградбата на ООУ „Ацо Шопов“ во Радишани, општина Бутел, тој им порача на првачињата дека училиштето е нова фаза од нивниот живот, во која ќе се соочат со бројни предизвици, но и ќе стекнат нови знаења и пријателства.
Мицкоски им укажа и дека животот не е едноставен и дека не треба да го гледаат исклучиво низ сликата што се создава на социјалните мрежи.
„Животот има многу предизвици, тие предизвици треба да ги решавате, да ги совладувате сами или заедно со своите родители, заедно со своите другари и другарки во училиштето“, истакна премиерот.
Тој им посака на сите ученици успешна учебна година, стекнување нови знаења и нивна примена преку работа и практично искуство во својата татковина.
Мицкоски потврди и дека за сите ученици во основните и средните училишта се обезбедени бесплатни учебници, оценувајќи дека до пред неколку години тоа било „мисловна именка“.

