11 ЗЕМЈИ ОД ЕУ БАРААТ ПРОМЕНА Ветото да се замени со квалификувано мнозинство
11 земји бараат промена на системот на одлучување, оценувајќи дека ветото на поединечни членки ја кочи ЕУ

Единаесет земји-членки на Европската Унија побараа да се разгледа можноста за укинување на едногласното одлучување во надворешната политика и негово заменување со гласање со квалификувано мнозинство.
Како што објавува „Јуронујз“, Австрија, Данска, Белгија, Финска, Франција, Германија, Луксембург, Холандија, Романија, Шпанија и Шведска испратиле писмо до високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Во писмото земјите предупредуваат дека правото на вето на поединечни членки сè почесто го отежнува или блокира заедничкото дејствување на Унијата во надворешната политика.
„Културата на консензус е важен извор на легитимитет за Унијата. Затоа ќе продолжиме да се стремиме кон консензус секогаш кога е можно“, наведуваат потписничките.
Сепак, тие оценуваат дека консензусот мора да биде механизам што ќе го поттикнува, а не ќе го попречува заедничкото дејствување на ЕУ.
Иницијативата отвора нова дебата за начинот на носење одлуки во Унијата, особено во чувствителната област на надворешната и безбедносната политика, каде што едногласноста досега им овозможуваше на поединечни држави да блокираат заеднички позиции.

