ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Одбраната повторно ги вкрстува градежните вештаци
Одбраната ќе ги испрашува вештаците за пренамената на објектот, градежните зафати, лиценците и инспекцискиот надзор.

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судењето е во фаза на изведување докази, а денешното рочиште ќе продолжи со вкрстено испрашување на тимот градежни вештаци од Градежниот факултет при УКИМ, кои го изработија градежното вештачење на Обвинителството.
На претходното рочиште, тимот вештаци, предводен од професорот и судски вештак Горан Марковски, повеќе од четири часа одговараше на прашањата на одбраната на обвинетите, сопственикот на објектот, како и општинските градежни инспектори Огњен Георгиев и Николчо Коцев.
Прашањата на одбраната се однесуваа на пренамената на објектот во угостителски објект, усогласеноста со Деталниот урбанистички план и важечките правилници, градежните зафати и пренамени, условите и постапките за издавање лиценци за работа, стручниот надзор, како и обврските и надлежностите на градежните инспектори.
Со распитот на градежните вештаци се очекува да заврши изведувањето на доказите предложени од Обвинителството, по што доказна постапка треба да продолжи со доказите на одбраната.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во „Пулс“ избувна за време на настапот на групата ДНК, а трагедијата остави зад себе 63 жртви и над 200 повредени. Станува збор за една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија.

