ПОЧНУВА УЧЕБНАТА 2026/2027 ГОДИНА 238 илјади ученици се враќаат во клупите, големи промени во училиштата

Ќе има 433 паралелки помалку, но од МОН уверуваат дека нема да има отпуштања на наставници.

ПОЧНУВА УЧЕБНАТА 2026/2027 ГОДИНА 238 илјади ученици се враќаат во клупите, големи промени во училиштата
Фото: Национал

За околу 238 илјади ученици, од кои 174 илјади основци и 64 илјади средношколци, денеска започнува учебната 2026/2027 година. По летниот распуст, учениците се враќаат во училишните клупи, а наставата ќе трае до 10 јуни 2027 година. За матурантите учебната година ќе заврши порано, на 17 мај.

Зимскиот распуст ќе трае од 31 декември до 21 јануари, по што учениците ќе го продолжат второто полугодие.

Над 14.000 првачиња досега запишани

Конечните бројки за бројот на запишани првачиња и средношколци се очекува да бидат познати наскоро. Во Министерството за образование и наука досега се пристигнати податоци за 14.952 запишани првачиња и 16.932 ученици запишани во прва година средно образование.

Учебниците се веќе распределени во училиштата. Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, ова е трета година по ред во која учебниците се набавуваат навреме.

„Набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција“, истакна Јаневска на вчерашната прес-конференција.

Целосно нови учебници во полн тираж се обезбедени за прво, второ и трето одделение, како и за осмо одделение и втор клас во гимназиското образование, каде што од оваа учебна година ќе се применуваат нови наставни програми.

Едносменска настава во 620 училишни објекти

Една од главните промени во новата учебна година е проширувањето на едносменската настава. Таа ќе се реализира во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти низ државата.

Од МОН оценуваат дека едносменската настава ќе овозможи подобра концентрација на учениците, поголема социјализација и повеќе време за совладување на наставниот материјал и стекнување соодветни вештини.

Поради недостиг на простор во дел од поголемите градови, МОН реализира проекти за доградба на училишни капацитети. Во моментов се работи на 14 училишта во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел и Гази Баба, како и во Илинден и Градско. Уште 15 проекти треба етапно да започнат во наредните месеци.

Паралелно, преку владината програма за капитални инвестиции во општините, се реализираат околу 50 проекти за изградба и реконструкција на училишта, како и за изградба на нови спортски сали и училишни базени.

433 паралелки помалку, 26 подрачни училишта привремено затворени

Поради намалениот број ученици и реорганизацијата на наставата, во новата учебна година ќе има 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование.

Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено ќе бидат затворени 26 подрачни училишта. Во државата вкупно има 148 празни училишни објекти, главно во руралните средини.

Јаневска нагласи дека оптимизацијата на училишната мрежа нема да значи отпуштање на редовно вработени наставници. Дел од наставниците кои немаат полн фонд на часови ќе бидат ангажирани во целодневна настава или дневен престој, а дел, доколку сакаат, како образовни асистенти.

Рекорден број образовни асистенти

За работа со ученици со посебни образовни потреби, оваа година ќе бидат ангажирани најголем број асистенти досега 1.358 во основното и 166 во средното образование.

За учениците кои подолго време се на болничко или домашно лекување ќе продолжи можноста за онлајн следење на наставата со својот клас или за индивидуална работа со наставник.

Поддршка за талентираните ученици

МОН продолжува и со поддршката за талентираните ученици. Министерството целосно ќе ги покрива трошоците за патување и учество на меѓународни научни олимпијади.

До 30 септември ќе важи и владината мерка за 15 проценти пониски цени на училишниот прибор, додека конкурсите за ученички стипендии се најавени за октомври.

Наставниците со повисоки плати од март

Министерката Јаневска повтори дека оптимизацијата на училишната мрежа нема да доведе до отпуштање на наставници.

Во согласност со договорот меѓу МОН и СОНК од пред две години, од март 2027 година наставниците треба да добијат зголемување на платите од 7,5 до 10 проценти, во зависност од стапката на инфлација.

CATEGORIES
Share This