НОВА ПОЛИТИЧКА КРИЗА ПРЕД ВРАТА – ДУИ најавува блокади, Гаши не исклучува нова битка во Собранието

Пратениците утре се враќаат во собраниските клупи со 53 точки на дневен ред, но законите за кои е потребен Бадентеров консензус остануваат најголемиот тест за функционирањето на Парламентот.

НОВА ПОЛИТИЧКА КРИЗА ПРЕД ВРАТА – ДУИ најавува блокади, Гаши не исклучува нова битка во Собранието
Фото: Принтскрин

Собранието се враќа во полн состав по летната пауза, а на првата координативна средба пред продолжувањето на собраниската работа, претседателот на Парламентот, Африм Гаши, најави дека до крајот на септември ќе се одржат најмалку четири пленарни седници.

Две седници веќе се закажани за 2 и 11 септември, додека до крајот на месецот се очекува да бидат свикани уште најмалку две.

На утрешната прва пленарна седница по одморот на пратениците на дневен ред се дури 53 точки. Меѓу нив се предлогот за именување вицегувернер на Народната банка, повеќе ратификации, како и Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, кој ќе се разгледува во прво читање.

Пратениците ќе ја разгледуваат и Предлог-националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026-2030 година, како и повеќе законски измени по скратена постапка, главно поврзани со усогласување со новиот Закон за високите раководители.

Сепак, во фокусот повторно е прашањето за законите за кои е потребно мнозинство според Бадентер.

Иако во јавноста се појавија информации дека дел од овие закони би можеле да бидат ставени на посебна собраниска седница, Гаши денеска ниту ја потврди, ниту ја отфрли таквата можност. Тој објасни дека распоредот ќе зависи од повеќе критериуми, меѓу кои итноста на законите, политичката волја и нивната поврзаност со Реформската агенда.

Меѓу законските решенија за кои е потребен Бадентер се повеќе закони од областа на образованието, законите поврзани со правичната застапеност и локалната самоуправа, како и други решенија за прашања од особен интерес. Гаши не прецизираше колкав е вкупниот број закони што чекаат на ова мнозинство.

Проблемот дополнително се усложнува поради најавите на ДУИ дека ќе ги блокира законите за кои смета дека се спротивни на Охридскиот рамковен договор. На денешната координација присуствувал и заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, но, според Гаши, не се разговарало за евентуалните блокади.

„На денешната координација не стана збор за какви било блокади на законите кои се носат со Бадентер“, рече Гаши.

Сепак, претседателот на Собранието најави дека ќе иницира пред Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да се разгледа можноста дали опозицијата го злоупотребува Деловникот преку процедуралните механизми и филибастеринг.

„Не може никој да го злоупотребува деловнички даденото право, процедурално и со тоа да ја кочи работата на седниците“, порача Гаши.

Тој оцени дека спорот околу Бадентерот има повеќе политичка отколку процедурална димензија и посочи дека продолжува да разговара со сите пратенички групи во обид да се најде решение.

„Не можете да најдете решение ако не седнете да разговарате“, рече Гаши, оставајќи ја можноста за евентуална лидерска средба отворена, но без конкретна проценка дали таа би помогнала во надминувањето на проблемот.

ДУИ, пак, веќе најави дека ќе ги блокира законските решенија за кои смета дека ги нарушуваат принципите на Охридскиот рамковен договор. Од СДСМ обвинија дека станува збор за однапред договорено сценарио меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се создадат услови за предвремени парламентарни избори.

Гаши и денеска се дистанцираше од ваквото сценарио. Тој порача дека не смета дека евентуалната злоупотреба на Деловникот треба да биде причина за распуштање на Собранието и предвремени избори. Според него, предвремени парламентарни избори би имало само доколку најмалку 61 пратеник донесе одлука за распуштање на Парламентот. Неговиот став е дека земјата треба да оди на редовни парламентарни избори.

Во меѓувреме, Собранието го очекува и законско решение со кое би се овозможило правосудниот испит да се полага и на албански јазик.

Во однос на уставните измени, Гаши рече дека нема информации за нов моментум, но нагласи дека Парламентот е подготвен да ги донесе навреме законите поврзани со Реформската агенда, како и да постапи доколку биде донесена политичка одлука за уставни измени.

Покрај политичките и собраниските пресметки, во следните месеци пристапот до околината на Собранието ќе биде отежнат поради градежните активности поврзани со изградбата на паркинг за пратениците и вработените.

Така, пратениците утре се враќаат во собраниските клупи со обемна агенда од 53 точки, но вистинскиот тест за функционирањето на парламентарното мнозинство ќе биде дали и кога ќе почнат да се носат законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство.

CATEGORIES
Share This