МАКЕДОНИЈА ЈА РАСТУРИ АВСТРИЈА ВО ВИЕНА Димитријевиќ со трипл-дабл, „црвено-жолтите“ славеа со 91:59

Македонија фуриозно го отвори натпреварот, доминираше во текот на сите 40 минути и со убедлив триумф го започна вториот циклус од претквалификациите за Евробаскет 2029.

МАКЕДОНИЈА ЈА РАСТУРИ АВСТРИЈА ВО ВИЕНА Димитријевиќ со трипл-дабл, „црвено-жолтите“ славеа со 91:59
Фото: Принтскрин

Македонската кошаркарска репрезентација со убедлива победа го започна вториот циклус од претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година.

„Црвено-жолтите“ славеа на гостувањето во Виена против Австрија со 91:59, во натпревар во кој од самиот почеток ја презедоа контролата и не му дозволија на противникот да се врати во игра.

Македонија одлично го отвори натпреварот и по првата четвртина имаше убедлива предност од 30:14. До полувремето разликата порасна на 19 поени (49:30), додека по третата четвртина резултатот беше 65:44.

Најефикасен во македонскиот состав беше Виктор Ефремовски, кој постигна 17 поени. Капитенот Ненад Димитријевиќ одигра фантастичен натпревар и оствари трипл-дабл со 15 поени, 14 скока и 11 асистенции.

Одличен настап имаше и новајлијата Мозес Рајт, кој придонесе со 12 поени и девет скока и беше на само еден скок од дабл-дабл. Мекиќ исто така постигна 12 поени.

Со оваа победа Македонија го запиша првиот триумф во вториот претквалификациски циклус и моментално има учинок 1-0, исто како и Кипар. Австрија, пак, веќе има два порази.

Само првопласираната репрезентација во групата Ф ќе обезбеди пласман во квалификациите за Европското првенство.

Следниот предизвик за Македонија е на 26 ноември, кога во Скопје ќе го пречека Кипар во директен дуел за врвот на табелата.

CATEGORIES
Share This