БУРА ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА Лекари со пријава до повеќе институции
Група лекари бараат Обвинителството, Финансиската полиција и инспекторатот да испитаат кој и врз која основа носи одлуки во Комората по истекот на мандатите на 30 јуни

До Редакцијата на „Национал“ пристигна пријава адресирана до повеќе надлежни институции, поднесена од група незадоволни делегати-лекари. Тие истакнуваат дека „после неколку неуспешни, а претходно договорени неуспешни обиди за свикување на Собрание на Лекарската комора во организација на поранешната претседателка д-р Калина Гривчева Старова, свика Собрание на ден 01.09.2026 година. Нејзиниот мандат е завршен на ден 30.06.2026 година и таа наместо да се повлече и да ги почитува законите се впушта во заткулисни игри со кои настојува да обезбеди ситуација за претседател да се избере кадар на СДСМ и ДУИ кои практично преку делегати – лекари го сочинуваат раководството на Лекарската комора (Управен и Надзорен одбор на Комората). Од таборот на Старова се споменува името на поранешната заменик министер за здравство Маја Манолева како високо позициониран кадар на СДСМ и која често е во друштво со Калина. Од таборот на ДУИ се споменува актуелниот заменик претседател на Комората д-р Беким Исмаили. Дали, желбата за избор на претседател на Лекарската комора истовремено е посилна од почитување на законите? Дали со желбата да се постави подобен кадар за претседател се настојува да се заштитат финансиските истраги кои претстојат во Комората? Јавноста очекува одговор за овие прашања?
Незадоволните делегати-лекари изнесуваат сериозни сомневања во однос на начинот на работење и постапувањето на актуелното раководство на Лекарската комора. Тие посочуваат на наводни незаконитости, прекршување на етички стандарди и постапувања за кои сметаат дека треба да бидат предмет на проверка од страна на надлежните институции. Подносителите бараат надлежните органи да ги проверат нивните наводи и, доколку се утврдат неправилности, да преземат соодветни мерки согласно законските и институционалните надлежности.
Во продолжение ви ја пренесуваме интегрално пријавата:
До
Министерство за здравство
Г-дин Сашо Клековски
Јавно обвинителство на РСМ
Г-дин Ненад Савевски
Државен санитарен и здравствен инспекторат
Г-дин Кирил Лазов
Комисија за спречување на корупција
Г-дин Адем Чучуљ
ПРИЈАВА
ЗА НЕЗАКОНСКО И НЕЕТИЧКО ПОСТАПУВАЊЕ НА МЕНАЏМЕНТОТ ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА РСМ
Почитувани,
Лекарската комора претставува професионална и струковна институција која има суштинска улога во организирањето, регулирањето и унапредувањето на лекарската професија. Нејзината основна функција е да го штити професионалниот интегритет на лекарите, но истовремено да придонесува кон заштита на правата и интересите на пациентите и унапредување на квалитетот на здравствените услуги.
Поставеноста на Лекарската комора треба да обезбеди институционална автономија, професионална независност и транспарентно одлучување, без неоправдано влијание од политички, економски или други интереси.
Комората треба да функционира како саморегулаторно професионално тело, со јасно утврдени надлежности, одговорности и механизми за контрола на професионалното работење.
Една од клучните надлежности на Комората е водењето на регистарот на лекари, издавањето и обновувањето на лиценците за работа и следењето на исполнувањето на условите за професионално вршење на лекарската дејност.
Особено значајна е улогата на Комората во обезбедувањето и унапредувањето на професионалните и етичките стандарди во лекарската професија.
Комората треба да обезбеди ефикасен систем за професионална одговорност, при што постапките против лекари мора да бидат независни, непристрасни, транспарентни и засновани врз закон и професионални стандарди.
Во услови на зголемени ризици со кои се соочуваат здравствените работници, Лекарската комора треба активно да учествува во креирањето политики за безбедност и заштита на лекарите при вршењето на професионалната дејност.
Заштитата на лекарите од физичко и вербално насилство, закани, мобинг и други форми на професионален притисок треба да претставува составен дел од современото функционирање на Комората.
Лекарската комора треба да биде активен партнер на државните институции при креирањето на здравствените политики, но притоа да ја зачува својата професионална автономија и независност.
Ефикасното функционирање на Комората подразбира постојан дијалог со лекарите, здравствените установи, пациентските организации и надлежните државни институции.
Довербата на лекарите во Комората зависи од нејзината транспарентност, отчетност, еднаков третман на членовите и способноста навремено да реагира на проблемите со кои се соочува лекарската професија.
Затоа, клучно за функционирање на Комората е нејзиното законито работење.
Поради постоење на основани сомневања дека во период од јули – август 2026 година Комората работи и функционира спротивно на Законот за здравствена заштита, Правилникот за избор и отповикување на членови во општинските одбори, Собранието и претседател на Лекарската комора на Македонија и Деловникот за работа, Ве известуваме дека:
1.мандатот на актуелната претседателка на Лекарската комора е завршен на ден 30.06.2026 година.
2.мандатот на Управниот и Надзорниот одбор е завршен на ден 30.06.2026 година.
3.сите дејствија на претседателката на Комората и на другите тела на кои им е изминат мандатот сметано од 30.06.2026 тодина се незааконити и без правно дејство.
Имено, претседателката на Комората, свесно и со умисла за време додека траеше нејзиниот мандат направи неколку обиди да свика Собрание на Комората, но тие не се одржаа, затоа што постојат основи на сомневања дека е влијаено противправно кај делегатите да не присуствуваат на Собранието и со тоа да нема кворум.
На тој начин, веќе екс – раководството на Комората, спротивно на актите и законоските одредби, знаејќи дека им е изминат мандатот, закажале Собрание за првата недела од месец септември 2026 година.
Тие свесно постапуваат противправно, газејќи ги сите законски и подзаконски одредби и тоа:
- Член 4 од Правилникот за избор и отповикување на членови во општинските одбори, Собранието и претседател на Лекарската комора на Македонија, каде е пропишано дека:
Изборите за членови во одборите, Собранието и за претседател на Лекарската комората на Македонија секои четири години ги распишува претседателот на Лекарската комора на Македонија.
Денот на одржување на изборите се определува со одлука за распишување на изборите. Од денот на распишување на изборите до денот на изборите не може да помине повеќе од два месеци ниту помалку од еден месец.
Изборите мора да се одржат најдоцна 15 дена пред истекот на мандатниот период на одборите односно Собранието.
Значи, веќе екс-претседателката на Комората иако зане дека нејзиниот мандат и е истечен, свикува Собрание како претседател на Комората и тоа во термини кои се надвор од пропишаните.
Истовремено, иако нејзиниот мандат е истечен на ден 30.06.2026 година, веќе екс претседателката на Комората сеуште не е разрешена од член на Управвен одбор на ФЗОМ и прима паушали за членството.
Екс – претседателката на Комората, сеуште не избришана од тековна состојба на Комората во Централен регистар, а дали зема надоместок за оваа функција од 30.06.2026 година потребно е да се истражи Финансиската полиција.
Бараме ЈО и Финансиската полиција да истражат колку средства и се исплаќани на веќе екс претседателката и надлежните одбори, пред и за време на престанокот на нивниот мандат со што е сторена штета од значителни размени.
Исто така, потребно е да се истражи врз основа на кој закон веќе екс претседателката потпишува лиценци и други докуменит иако е свесна дека нејзиниот мандат е истечен и истата нема никакво право ниту овластување да превзема службени дејствија, бидејќи на тој начин ги пречекорува своите овластувања.
Надлежниот инспекторат во Министерството за здравство е дожен да изврши вонреден инспекциски надзор во Комората, да донесе записник и да се свика законито Собрание на Лекарската комора.
Истовремено, финансиското работење на Лекарската комора во изминатиот период потребно е да се истражи во целост.
Група незадоволни делагати – лекари

