ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА СО ПОРАКА ЗА ЈАВНИТЕ ПАРИ Секој денар од Буџетот е на граѓаните

Министерството за финансии го зајакнува системот на ревизија и контрола, а за првпат се воведува национален испит и сертификација за внатрешни ревизори во јавниот сектор.

ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА СО ПОРАКА ЗА ЈАВНИТЕ ПАРИ Секој денар од Буџетот е на граѓаните
Фото: Принтскрин

Силните институции и одговорното управување со јавните средства се клучни за довербата на граѓаните, а ревизијата претставува еден од главните механизми за контрола, отчетност и спречување на неправилности, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во објава на Фејсбук, таа ги посочи двата значајни чекора преземени во изминатиот период – унапредувањето на соработката меѓу Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, како и воведувањето национален испит и сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор.

Според министерката, со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Државниот завод за ревизија се создава посилна институционална основа за заедничко дејствување во заштитата на јавните средства и спречувањето и откривањето неправилности, измами и корупција.

„Ова партнерство значи поголема координација, размена на знаења, искуства и податоци, унапредување на професионалните капацитети и примена на европските стандарди“, наведува Димитриеска-Кочоска.

Таа истакнува дека силниот систем на финансиска контрола не зависи само од правилата и институционалните механизми, туку и од професионалноста на луѓето кои го спроведуваат.

Во таа насока, за првпат во земјава преку Министерството за финансии ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, а ќе биде воспоставена и национална сертификација на внатрешните ревизори.

„Со воспоставувањето на националниот испит создаваме услови за посилни професионални капацитети во институциите, поефикасна внатрешна ревизија и дополнително зајакнување на механизмите за законско и одговорно управување со јавните средства“, посочува министерката.

Димитриеска-Кочоска нагласува дека надворешната и внатрешната ревизија имаат различни улоги, но заедничка цел – јавните средства да се користат законски, наменски, ефикасно и одговорно.

Двата процеса, според неа, се дел од пошироките реформи за унапредување на системот на финансиска контрола и негово усогласување со европските стандарди и практики. Тие, како што наведува, придонесуваат и кон исполнување на обврските и препораките во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, како и кон реализација на реформите предвидени со Реформската агенда.

„Секој денар од Буџетот и секое евро од европските фондови се средства на граѓаните, а наша обврска е да обезбедиме тие да се користат одговорно и во нивен интерес“, порача министерката.

CATEGORIES
Share This