39-16! ИТАЛИЈА ЈА РАСТУРИ МАКЕДОНИЈА Сè ќе се решава во последниот меч

По четвртиот пораз во Таранто, македонските ракометарки ќе бркаат победа против Косово.

39-16! ИТАЛИЈА ЈА РАСТУРИ МАКЕДОНИЈА Сè ќе се решава во последниот меч
Фото: Принтскрин

Македонската женска младинска ракометна репрезентација го запиша и четвртиот пораз на Медитеранските игри во Таранто. Нашите ракометарки убедливо беа совладани од домаќинот Италија со 39-16. Италијанките уште од самиот почеток наметнаа силно темпо и со серија од 4-0 го отворија натпреварот. Македонија тешко доаѓаше до реализација, па домаќинот постепено ја зголемуваше предноста.

До средината на првото полувреме Италија веќе водеше со 11-3, а на пауза замина со убедливи 19-7. Во вториот дел домаќинот без поголеми проблеми ја контролираше играта и предноста, а до крајот стигна до убедлива победа од 39-16.

Најефикасна во македонскиот состав беше 18-годишната Дона Тодорвска со пет постигнати голови. Македонија, која е меѓу најмладите репрезентации на женскиот ракометен турнир во Таранто, по четири одиграни натпревари е на делба на последното место во групата А со Косово.

За пласманот и конечниот исход во групата ќе одлучува последниот меч, во кој Македонија в недела од 17:30 часот ќе се соочи токму со Косово.

CATEGORIES
Share This