ГОЛЕМА НАЈАВА ОД МУЦУНСКИ Македонија да стане порта кон Европа за Израелците

Министерот најави можност за директна авиолинија Тел Авив–Скопје или Тел Авив–Охрид и порача дека земјата има потенцијал за поголеми израелски инвестиции и туристичка размена.

ГОЛЕМА НАЈАВА ОД МУЦУНСКИ Македонија да стане порта кон Европа за Израелците
Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“ порача дека Република Македонија има потенцијал да се позиционира како значајна влезна точка кон европскиот пазар за израелските туристи, компании и инвеститори.

Интервјуто е дадено за време на неговата прва официјална посета на Израел во својство на министер, при што посебно внимание било посветено на можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид.

Според Муцунски, директната воздушна врска би придонела за зголемување на туристичката размена, олеснување на деловните контакти и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

„Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети“, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека амбициите на Македонија не се ограничуваат само на туризмот. Стратешката положба на земјата, која се наоѓа на крстопатот на европските транспортни коридори VIII и X, заедно со инвестициите во енергетската инфраструктура, создава услови за привлекување на израелски компании и инвеститори.

„Сакаме да бидеме порта кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Можеме да бидеме и влезна точка за израелските инвеститори кон европски пазар чиј потенцијал сè уште не е целосно искористен од израелската бизнис-заедница, но и пазар за извоз“, порача министерот.

Во разговорот биле разгледани и можностите за продлабочување на соработката во земјоделството, управувањето со водните ресурси, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, како и во инвестициите и одбранбената индустрија.

Муцунски оцени дека односите меѓу Македонија и Израел се на високо ниво, но дека постои простор тие да бидат преточени во поконкретна економска и институционална соработка.

„Од формирањето на Владата, билатералните односи со Израел ги поставивме како еден од приоритетите на нашата надворешна политика“, истакна тој.

Како показател за засилената комуникација меѓу двете земји била посочена и зголемената динамика на политички контакти. Во јануари, парламентарна делегација предводена од пратеничката Рашела Мизрахи остварила средби со претседателот на Кнесетот, Амир Охана, и со други високи израелски претставници.

Според Муцунски, актуелната посета на Израел претставува можност за дополнително продлабочување на партнерството преку зголемена туристичка размена, посилни економски врски, нови инвестиции и интензивирање на деловната соработка.

CATEGORIES
Share This