МИЦКОСКИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ СВЕТИЛИШТА Да го чуваме она што ни е оставено во наследство

Премиерот на празникот Успение на Пресвета Богородица во манастирите во Крива Паланка и Берово упати порака за верата, традицијата и духовното наследство.

МИЦКОСКИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ СВЕТИЛИШТА Да го чуваме она што ни е оставено во наследство
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски ги посети манастирите „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка и „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово, каде присуствуваше на празничните чествувања по повод големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица.

Во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, Мицкоски присуствуваше на Божествената Литургија што ја служеше митрополитот Кумановско-осоговски Григориј. Од Кумановско-осоговската епархија посочија дека присуството на премиерот на празничните литургии во манастирот е континуирано, со што, како што наведоа, се придонесува кон одржувањето на традицијата и споменот на Свети Јоаким Осоговски.

По Литургијата, премиерот порача дека македонските свети места се важен дел од духовното и историското наследство на државата.

„Нашите свети места се потсетник на вредностите што нè обединуваат – верата, достоинството, почитта кон минатото и одговорноста кон идните генерации“, порача Мицкоски

Тој додава:

„Да го чуваме и почитуваме она што ни е оставено во наследство“.

При посетата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово, Мицкоски им го честиташе празникот на православните верници, а на сите граѓани им посака здравје, среќа и успех.

Посетите на премиерот на манастирските светилишта во пресрет и за време на празничните чествувања ја истакнаа важноста на верската традиција, духовното наследство и зачувувањето на светите места како дел од македонската културна и историска меморија.

CATEGORIES
Share This