ТРАГЕДИЈА ВО СЛОВЕНИЈА Тројца Македонци загинаа во тешка сообраќајка, меѓу нив две деца

Во автомобилот имало пет лица и уште двајца македонски државјани се повредени и се на болничко лекување

ТРАГЕДИЈА ВО СЛОВЕНИЈА Тројца Македонци загинаа во тешка сообраќајка, меѓу нив две деца
Фото: Принтскрин

Тројца македонски државјани, меѓу кои две малолетни деца, го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчера, 27 август, на автопатот А1 во Словенија, во близина на Унец. Уште две лица, исто така македонски државјани, се повредени и се на болничко лекување.

Информацијата денеска официјално ја потврди Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, откако Амбасадата на Македонија во Љубљана добила известување од словенечката полиција.

Според информациите од МНР, во возилото се наоѓале вкупно пет лица. Во несреќата животот го загубиле едно полнолетно и две малолетни лица, додека другите двајца патници се повредени.

Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер. Словенечките власти извршиле увид на местото на несреќата, а истрагата треба да ги утврди точните околности и причините за трагичниот настан. Според првичните информации, возилото излетало од патот, но засега нема официјални детали за причините поради кои дошло до несреќата.

Амбасадата во Љубљана е во постојана комуникација со словенечките институции и го следи текот на постапката. Дипломатските претставници се во контакт и со семејствата на загинатите, на кои им се обезбедува неопходната конзуларна помош.

МНР информира дека се преземаат потребните активности и за спроведување на законските и административните процедури поврзани со транспортот на посмртните останки во Северна Македонија.

CATEGORIES
Share This