ИЗБОРОТ ЗА СУДИЈА ВО СТРАЗБУР ПОВТОРНО НА ПОЧЕТОК Ристиќ ја замени Дангова Хуг

Постапката трае година и половина, а од Комисијата велат дека новиот избор би можел да се реализира во октомври или на почетокот на следната година.

ИЗБОРОТ ЗА СУДИЈА ВО СТРАЗБУР ПОВТОРНО НА ПОЧЕТОК Ристиќ ја замени Дангова Хуг
Фото: Принтскрин

Постапката за избор на нов македонски судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) повторно е пролонгирана, откако советодавниот експертски панел на Советот на Европа оценил дека адвокатката Ана Дангова Хуг не ги исполнува во целост критериумите за кандидат за судија во Стразбур.

По добиеното мислење преку Министерството за надворешни работи, македонската Комисија за избор на кандидат едногласно одлучила да ја замени нејзината кандидатура. На седницата одржана на 20 август, за нов кандидат е избрана адвокатката Јелена Ристиќ, потврди претседателот на Уставниот суд и претседател на Комисијата, Дарко Костадиновски.

Со оваа одлука процесот повторно се враќа чекор назад. Постапката започна пред околу година и половина и досега неколкупати беше прекинувана и менувана.

На првичната листа беа Габриела Гајдова, Ленче Ристоска и Јордан Апостолски, но Владата подоцна ја поништи листата со образложение дека кандидатите не ги исполнуваат потребните услови.

Потоа новата комисија ги предложи Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски. По дополнителни забелешки од експертскиот панел, беше потребен нов избор, по што на листата се најде Ана Дангова Хуг.

Сега и нејзината кандидатура е заменета со Јелена Ристиќ.

Костадиновски признава дека постапката трае подолго од очекуваното. Доколку нема нови пречки, изборот би можел да биде реализиран на октомвриската сесија, а доколку тоа не биде возможно, на почетокот на следната година.

До изборот на новиот судија, во Стразбур останува судијата Јован Илиевски, чиј мандат требаше да заврши претходно.

Последната промена не беше веднаш јавно објавена. Од Комисијата објаснуваат дека се определиле за подискретен пристап, имајќи ги предвид искуствата од постапките во други земји, како и бројните забелешки и претставки кои можат дополнително да го усложнат процесот.

CATEGORIES
Share This