МВР ЗА ТРИ ДЕНА САНКЦИОНИРАШЕ НАД 1.600 ВОЗАЧИ 43 лица лишени од слобода

Најмногу прекршоци за брзо возење – одземени 19 возила, а санкционирани и 159 мотоциклисти без заштитен шлем.

МВР ЗА ТРИ ДЕНА САНКЦИОНИРАШЕ НАД 1.600 ВОЗАЧИ 43 лица лишени од слобода
Фото: Принтскрин

Во периодот од 24 до 26 август, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи спровеле редовни сообраќајни контроли на патиштата низ државата. Во рамки на контролите биле издадени вкупно 1.621 платен налог, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Најголем дел од санкциите, односно 456, биле изречени поради непочитување на пропишаната брзина на движење.

Во истиот период, 43 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило. Од нив, две лица биле приведени за управување под дејство на алкохол, 20 за возење без возачка дозвола, а две лица и покрај претходно изречена забрана повторно управувале возило.

При контролите биле одземени и 19 возила.

Полициската статистика покажува дека во изминатите три дена биле регистрирани 385 прекршоци за неправилно паркирање, додека 28 возачи биле санкционирани поради управување под дејство на алкохол.

Санкционирани биле и 159 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, како и 105 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас.

Согласно Законот за возила, од сообраќај биле отстранети 17 нерегистрирани возила и седум возила поради техничка неисправност. Дополнително, четири возачи биле санкционирани поради непочитување на пропишаните услови за затемнување на стаклата, односно користење несоодветни фолии.

Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.

CATEGORIES
Share This