НАД 30 ПОЖАРИ ВО ЗЕМЈАТА Четири и натаму активни

Најсериозно е во Зелениково, Гостивар, Чашка и Струга, каде гори шума и ниска вегетација.

НАД 30 ПОЖАРИ ВО ЗЕМЈАТА Четири и натаму активни
Фото: Национал

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 7:30 часот утринава во земјава се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Од нив, четири се активни, три се под контрола, а 24 се целосно изгаснати.

Активни пожари има во Студеничани и Зелениково, каде огнот зафаќа мешана шума на потегот Моране-Вртекица-Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над селата Вражале и Тисовица.

Активен е и пожарот во Трново, Општина Гостивар, кој се шири кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.

Пожар е активен и во Општина Чашка, над селото Нежилово, во месноста Сватови, каде гори ниска вегетација и смреки. Во Општина Струга, кај селото Франгово, гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.

Под контрола се пожарите кај Тајмиште во Кичево, каде гори високостеблеста букова шума, на депонијата во Делчево, како и кај селото Стрмница во Брвеница.

Во текот на денот се изгаснати пожари на повеќе локации низ земјава, меѓу кои во Желино, Теарце, Македонски Брод, Кичево, Делчево, Градско, Гостивар, Росоман, Босилово, Арачиново, Карпош, Гази Баба, Струмица, Кавадарци, Берово, Куманово, Шуто Оризари и Битола.

Според ЦУК, на дел од локациите горела ниска вегетација, грмушки, пасишта и шума, додека на други биле зафатени депонии, отпад и други материјали.

CATEGORIES
Share This