ШТО ЌЕ МУ СЕ СЛУЧИ НА ГРУЕВСКИ АКО СЕ ВРАТИ Одговорот е во овие две пресуди
По правосилното ослободување во „Талир 2“, остануваат активни две затворски казни.

Државата ќе ги покрие судските трошоци и адвокатските трошоци на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во седумгодишниот процес „Талир 2“, откако Апелациониот суд ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер.
Со денешната одлука, 26 август 2026 година, завршува уште еден од најзначајните предмети произлезени од истрагите на поранешното Специјално јавно обвинителство. Воедно, се отвора прашањето каков е конечниот судски биланс на Груевски – за што е правосилно осуден, за што е ослободен, кои постапки застареа и во кои предмети сè уште е обвинет.
Три правосилни осудителни пресуди
Никола Груевски досега има три правосилни осудителни пресуди во предметите „Тенк“, „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“. Сепак, една од изречените казни веќе не може да се изврши поради настапена застареност.
Во случајот „Тенк“, поврзан со набавката на луксузниот „мерцедес“, Груевски беше осуден на две години затвор за примање награда за противзаконито влијание. Пресудата стана правосилна во октомври 2018 година, но бидејќи казната не беше издржана, во октомври 2024 година настапи апсолутна застареност на нејзиното извршување.
Тоа не значи дека пресудата е укината или дека Груевски е ослободен од одговорност, туку дека казната повеќе не може да биде извршена.
За „Насилство во Центар“, Груевски е правосилно осуден на една година и шест месеци затвор поради насилствата пред Општина Центар во 2013 година. Апелациониот суд ја потврди пресудата во 2021 година, а Врховниот суд подоцна го отфрли неговото барање за вонредно преиспитување.
Оваа казна сè уште е активна, а според Кривичниот суд, нејзиното извршување застарува на 10 септември 2027 година.
Највисоката правосилна казна Груевски ја доби во предметот „Плацеви на Водно“. Апелациониот суд му изрече единствена казна од девет години затвор за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот.
Казната останува активна, а извршувањето застарува дури на 14 февруари 2043 година. Во истиот предмет, неплатената парична казна е заменета со уште 180 дена затвор.
„Талир 2“: од шест години затвор до правосилно ослободување
Целосно поинаков е исходот во „Талир 2“, предметот поврзан со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2022 година, Груевски беше првостепено осуден на шест години затвор, а беше определена и конфискација на партискиот имот. Апелациониот суд подоцна ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.
Во јули годинава, Кривичниот суд донесе ослободителна пресуда, а денеска Апелациониот суд ја одби жалбата на обвинителството и ја потврди одлуката.
Со тоа Груевски е правосилно ослободен во „Талир 2“, а паѓа и основата за конфискација на „Белата палата“ и друг имот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелациониот суд оцени дека обвинителството не успеало надвор од разумно сомневање да докаже дека постапувањето на Груевски било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.
Бидејќи постапката заврши со ослободителна пресуда, трошоците за судењето, вклучително и адвокатските трошоци, паѓаат на товар на државниот буџет.
„ТНТ“: девет години затвор, но без правосилна пресуда
Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, Груевски во 2022 година беше првостепено осуден на девет години затвор.
Сепак, пресудата никогаш не стана правосилна. По измените на Кривичниот законик во 2023 година настапи апсолутна застареност, поради што постапката заврши без конечна осудителна пресуда.
Затоа „ТНТ“ не може да се смета ниту за правосилна осуда, ниту за ослободителна пресуда – кривичната постапка заврши поради застареност.
„Траекторија“ заврши со застареност
Поради застареност заврши и предметот „Траекторија“, кој се однесуваше на изградбата на автопатиштата Кичево–Охрид и Миладиновци–Штип.
Груевски беше обвинет за примање награда за противзаконито влијание, но за него апсолутната застареност настапи уште во 2019 година.
И во овој случај немаше конечна судска одлука за вината.
„Титаник“ сè уште е во судница
Еден од најстарите предмети во кои Груевски сè уште е обвинет е „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности.
Дел од обвиненијата, меѓу кои и делото злосторничко здружување, во меѓувреме застареа по измените на Кривичниот законик. Сепак, постапката продолжува за преостанатите кривични дела поврзани со изборни нерегуларности.
Во процесот се изведуваат докази и сведоци предложени од одбраната, откако претходно биле сослушани повеќе од 100 сведоци на обвинителството. Груевски се суди во отсуство.
„Талир 1“: дел од обвинението застаре
Активен останува и предметот „Талир 1“, кој се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
На почетокот на 2026 година застаре обвинението за злоупотреба на службената положба и овластување против Груевски и Кирил Божиновски.
Сепак, постапката продолжува за обвинението за перење пари. Предметот во изминатиот период повеќепати започнуваше одново поради промени во судечкиот совет и други процесни причини.
„Феникс“ без обвинение против Груевски
Груевски беше првоосомничен и во истрагата „Феникс“, поврзана со спомениците од проектот „Скопје 2014“.
Но кога во декември 2023 година беше поднесено обвинението, тој не беше меѓу обвинетите. Причината беше застареноста на делата за кои се истражуваше неговата улога.
Каков е конечниот биланс?
По речиси една деценија судски постапки, Груевски има три правосилни осудителни пресуди, од кои една со двегодишната казна во „Тенк“ повеќе не може да се изврши поради застареност.
Доколку се врати во Македонија, сè уште се активни казните од девет години затвор за „Плацеви на Водно“ и една година и шест месеци за „Насилство во Центар“.
Од денеска има и една правосилна ослободителна пресуда во „Талир 2“.
Предметите „ТНТ“ и „Траекторија“ завршија поради застареност без правосилна одлука за вината, додека делови од обвиненијата во „Титаник“ и „Талир 1“ исто така застареа.
Токму „Титаник“ и „Талир 1“ остануваат меѓу последните големи предмети произлезени од поранешното СЈО во кои Груевски сè уште е обвинет.

