АПЕЛАЦИЈА ПРЕСЕЧЕ Груевски ослободен во „Талир 2“, ВМРО-ДПМНЕ си ја враќа „Белата палата“

Жалбата на обвинителството е одбиена како неоснована - Судот оцени дека не е докажано дека „Бетон“ незаконски донирал средства на партијата.

АПЕЛАЦИЈА ПРЕСЕЧЕ Груевски ослободен во „Талир 2“, ВМРО-ДПМНЕ си ја враќа „Белата палата“
Фото: Принтскрин

Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, со што се отвара пат за враќање на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кој и партиското седиште „Белата палата“, кој со години беше замрзнат.

Од Апелациониот суд информираат дека на 26 август 2026 година, по одржана нејавна седница и по разгледување на списите од предметот КЖ-711/26, како и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесена е пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје е одбиена како неоснована.

Со тоа, потврдена е пресудата на Основниот кривичен суд Скопје со која Груевски беше ослободен од обвинението.

Во образложението, Апелација наведува дека дејствијата преземени од обвинетиот Н.Г. од С., во својство на одговорно лице во правното лице, биле во рамките на неговите овластувања.

Судот оценил дека обвинителството не презентирало докази со кои би се утврдило дека неговото постапување било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.

Дополнително, според Апелација, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека ГП „Бетон“ во моментот на склучување на договорите со политичката партија имал својство на субјект кој вршел јавни услуги согласно законот.

Поради тоа, Судот оценил дека не постоела законска забрана „Бетон“ да донира средства на политичката партија, ниту, пак, обврска обвинетиот како одговорно лице во партијата тие средства да ги врати.

Одлуката на Апелациониот суд значи и натамошно расчистување на правниот статус на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше предмет на замрзнување во рамките на случајот „Талир 2“.

CATEGORIES
TAGS
Share This