ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА Објавен романот „Рокашкото кралство“ од хрватскиот писател Матко Сршен
Добитник е на повеќе награди за својата литературна и театарска работа, а многу актери и други соработници во неговите претстави исто така биле наградувани..

„Македоника литера“ деновиве го објави романот на хрватскиот писател, драматург и режисер Матко Сршен „Рокашкото Кралство“, во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Пеев.
Рокашкото Кралство е детска држава основана од малите жители на квартот Иза Рока во Стариот Град на Дубровник во средината на 1950-тите. Жителите на тоа кралство од фантазиите се само деца постојано желни за игра. Стариот Град и неговите ѕидини се совршена сцена за нивната деноноќна претстава, но и за нивната причина за постоење.
„Рокашкото Кралство“, сепак, не е книга за деца, туку воен роман. Невообичаен по својот вид, но сепак воен роман, во кој малите Рокаши водат војна со големите момци, членови на Народната милиција. Од едната страна се возрасни, вооружени со пиштоли и палки, а од другата се деца кои своите „кралски вештини“ ги стекнале статирајќи во дубровничките театарски претстави, вооружени со имагинација што ги надминува сите општествени граници. Секое кралство е должно да ја брани својата територија, а Рокаши се обидуваат да го наметнат својот суверенитет.
„Ова е автобиографски роман чие дејство се одвива во квартот Иза Рока во Дубровник, именуван по црквата „Свети Роко“, на чиј ѕид кон крајот на 16 век еден свештеник, полуден од играта на момчиња со топка, напишал: Мир со вас, запомнете дека и вие што играте топка ќе умрете. Романот на Сршен ја раскажува приказната за група момчиња кои, ни помалку ни повеќе, го основале своето кралство, предводено од кралот Роко II. Секое кралство е должно да ја брани својата територија, а Рокаши се обидувале да го наметнат својот суверенитет. Со едноставен, прецизен јазик, авторот ја доловува атмосферата на град каде што секој кварт имал свој посебен менталитет, каде што границите строго се почитувале, а доколку било потребно, дури и децата се бореле за нив.“ (Антун Павешковиќ, литературен критичар)
Матко Сршен (1947) е писател и театарски режисер, роден во Дубровник. Студирал на Филозофскиот факултет во Загреб и на академијата за театарски и филмски уметности во Загреб. На Филозофскиот факултет во Загреб дипломирал, во 1969 година, компаративна книжевност и филозофија. Беше професор по глума и режија на Академијата за драмски уметности во Загреб (1989 – 2021). Неговите драматизации, претстави и комедии се изведувани на сцени во Хрватска и во странство, како и на радио и телевизија. Објавува песни, драми, есеи, проза, филозофски, театролошки и држиќолошки студии во весници и списанија од 1967 година. Објавил дванаесет книги драми, поезија и проза. Негова прва книга е краткиот роман „Неоткриена земја“ (1973). Некои од неговите објавени дела се: „Ифигенија, драми и маски“ (избрани драми, 1989); „Помет на Марин Држиќ / реконструкција“ (2000); „Наведување на филозофија“ (2002); „Едипов мултиплекс“, песни (2004“; „Цвијета Зузориќ, quasi una fantasia“ (2008); „Одохохол и Лупе Мангупе (фантастичен роман за млади, 2009); „Марин Држиќ: Комедии на Помет“ (уредил Матко Сршен, 2011); „Комедии на дубровнички“ (2012), „Луѓе со грешка“ (збирка раскази, 2017); „Хамлет против Минотаурот“ (2021); „Враќањето на доброто“ (2021).
Претходно на македонски јазик се објавени „Одохохол и Лупе Мангупе“ и „Наведување на филозофија“.
Повеќето свои драмски текстови самиот ги режирал.
Од почетокот на 1980-тите режирал дела од Слободан Шнајдер, Улдерик Донадини, Алан Ајкбурн, Славомир Мрожек, адаптирал и режирал дела од Фјодор Михајлович Достоевски и Мирослав Крлежа, како и свои драми во голем број хрватски театри. Меѓу неговите режисерски заслуги се издвојува со поставувањето на драмите на Држиќ со своите политички алузии и модернизација на оригиналот. На Дубровничките летни игри е присутен од 1983 до 2023 година.
Добитник е на повеќе награди за својата литературна и театарска работа, а многу актери и други соработници во неговите претстави исто така биле наградувани.

ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА Објавена стихозбирката „Далечни вистини“ од Ениса Мирто

