ГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО ДЕБРЦА Училиште наскоро ќе го носи името на Ванчо Николески

Учесници од Македонија, Србија, Бугарија и Албанија деновиве твореа, се дружеа и ги запознаваа охридските книжевни и културни богатства.

ГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО ДЕБРЦА Училиште наскоро ќе го носи името на Ванчо Николески
Фото: Принтскрин

Со врачување на сертификатите за учество пред родната куќа на писателот Ванчо Николески, во неговото родно село Црвена Вода, вчера заврши традиционалниот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“.

Манифестацијата ја организира Здружението за литература и култура „Мацково“ од Охрид, а на овогодишното издание учествуваа млади поети и поетеси од Македонија, Србија, Бугарија и Албанија.

Во рамки на посетата на Црвена Вода, учесниците ја разгледаа Спомен-собата посветена на Ванчо Николески. Особено внимание привлече оригиналното самарче поврзано со неговиот култен роман „Волшебното самарче“, во кој авторот опишува вистински случувања од периодот на Втората светска војна и фашистичката окупација.

Претходно, младите поети беа примени од градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, кој им посака успешно творење, дружење и зближување. Тој ги запозна со активностите на локалната самоуправа, како и со реконструкцијата и ревитализацијата на бројни спомен-обележја во Дебрца, подрачје кое во 1943 година било прва слободна територија.

Посебно задоволство кај учесниците предизвика најавата дека наскоро, по завршувањето на потребните процедури, едно од училиштата во Дебрца ќе го носи името на Ванчо Николески.

Во Црвена Вода, за гостите беше организирана и традиционална селска трпеза со домашни специјалитети, во која со свој прилог учествуваше и градоначалникот Сиљаноски.

Кампот понуди и низа други активности. Во текот на престојот, младите за тајните на поетското творештво ги подучуваше поетот и професор д-р Христо Петрески.

Учесниците ја посетија и НУ Библиотека „Григор Прличев“, каде се запознаа со нејзината дејност и богат книжевен фонд, а проследија и предавање за животот и делото на Михаило Пупин, што го одржа професор д-р Павле Митрески.

Во старото градско јадро на Охрид имаа можност да ги разгледаат најзначајните споменици на македонската историја, култура и писменост. Во КИЦ „А. ден Долард“ проследија предавање за холандскиот автор А. ден Долард, меѓу другото и за неговиот култен роман „Свадбата на седумте Цигани“, како и за неговиот придонес во промовирањето на Охрид во светот во минатиот век.

Синоќа, учесниците присуствуваа и на една од манифестациите во рамки на 38. издание на „Поетската ноќ“ во Велестово.

Балканскиот поетски камп „Ванчо Николески“ се одржа со финансиска поддршка на Општина Охрид и Општина Дебрца.

CATEGORIES
Share This