АЛВАРЕС НА НОЖ ВО МАДРИД Навивачите го отпишаа, Барса му ја затвори вратата, се појавија Арсенал и Челзи

Аргентинецот беше дочекан со свирежи и навреди, а по драматичниот финиш сам замина во соблекувалната. Во меѓувреме, Арсенал и Челзи се подготвени да ја искористат ситуацијата.

АЛВАРЕС НА НОЖ ВО МАДРИД Навивачите го отпишаа, Барса му ја затвори вратата, се појавија Арсенал и Челзи
Фото: Принтскрин

Хулијан Алварес се најде во центарот на голема бура во Атлетико Мадрид, откако на „Ванда Метрополитано“ беше пречекан со жестоки свирежи и навреди од домашните навивачи поради шпекулациите дека сака да го напушти клубот и да се пресели во Барселона.

Аргентинскиот напаѓач беше дочекан на нож уште пред натпреварот со Виљареал, а при влегувањето во игра реакциите од трибините станаа уште погласни. Очигледно е дека односот меѓу Алварес и дел од навивачите сериозно е нарушен, особено по информациите дека неговата желба е да заигра за каталонскиот гигант.

Ситуацијата дополнително привлече внимание по драматичниот финиш на натпреварот. Атлетико со играч помалку и два досудени пенали за гостите успеа да стигне до гол за 2:2, по што фудбалерите заедно ги поздравија навивачите. Единствен кој не им се придружи беше Алварес. Аргентинецот сам се упати кон соблекувалната, сцена која дополнително ги разгоре шпекулациите за неговата иднина во Мадрид.

Сепак, преселбата во Барселона во моментов изгледа далеку од реализација. Атлетико неколкупати одби да преговара со каталонскиот клуб и има бескомпромисен став дека Алварес не е лесно достапен за трансфер.

Таквата ситуација ја отвори вратата за интерес од Премиер лигата. Во трката повторно се споменува Арсенал, кој е подготвен да понуди значително повеќе од Барселона, а како дел од потенцијалниот договор се разгледува и можноста да биде вклучен шведскиот напаѓач Виктор Ѓокереш. Во меѓувреме, интерес покажал и Челзи, па Алварес повторно би можел да се најде на пат кон Англија, каде што претходно настапуваше за Манчестер Сити.

Една од главните пречки за трансфер во Англија се проблемите поврзани со визата за неговото семејство. Алварес досега не бил заинтересиран за враќање на Островот токму поради ова прашање, но од Арсенал наводно му ветиле дека ќе помогнат неговото семејство да биде со него и дека сите административни проблеми ќе бидат решени.

Пред аргентинскиот репрезентативец сега стои тешка одлука да остане во Атлетико и да се обиде повторно да ја освои довербата на навивачите или да прифати нов предизвик во Премиер лигата. Секој негов следен настап во Мадрид ќе биде под посебно внимание, а одлуката на клубот за неговата иднина би можела значително да влијае и врз остатокот од сезоната.

Засега едно е јасно: вратата кон Барселона изгледа затворена, а доколку Атлетико реши да го стави Алварес на трансфер-листата, Арсенал и Челзи се подготвени веднаш да влезат во трката за неговиот потпис.

CATEGORIES
Share This