ОВА СЕ НАШИТЕ ПЕТ МИНУТИ Македонија ризикува да ја пропушти големата трка по критични минерали
Соседните земји забрзано инвестираат во рударството, а експертите предупредуваат дека Македонија има ресурси, но ризикува да остане на маргините на новата минерална економија.

Македонија ризикува да остане на маргините во глобалната трка по критични минерали, во период кога овие суровини стануваат сè поважни за светската индустрија, енергетиката и економијата. Во земјава во моментов функционираат четири рудници за метални суровини, но само еден од нив произведува критичен и стратешки минерал. Станува збор за „Бучим-Боров Дол“, каде се експлоатира бакарна руда.
Слична е состојбата и кај новите инвестиции. Во моментов активен е само еден проект за ископ на критичен минерал – рудникот за бакар „Иловица-Штука“.
Инвеститорот го најавува проектот како најголема странска гринфилд инвестиција во земјава, со почетна инвестиција од повеќе од 340 милиони евра во првите две години, односно во првата фаза од изградбата на рударскиот комплекс. Според најавите, проектот би генерирал просечен годишен приход од најмалку 180 милиони евра, со потенцијал компанијата да се позиционира меѓу трите најголеми извозници во Македонија.
Покрај тоа, во земјава во моментов се реализира само едно геолошко истражување поврзано со критичен минерал и истражувањето на антимон во близина на Крива Паланка.
Универзитетската професорка и претседателка на Македонското геолошко друштво, Соња Лепиткова, предупредува дека Македонија не смее да го пропушти моментот.
„Повеќе децении, со исклучок на „Боров Дол“, нема отворен рудник и гледате дека со години има спротивставување воопшто на отворањето, а кај нас е дури дојдено и за воопшто да не се истражува во државата. Светот денес масовно, па и европските земји, тежнеат кон истражување на природните богатства и Македонија мора да го следи тој пат“, вели Лепиткова.
Според неа, доколку државата не се вклучи во глобалната трка по минерали, ризикува да остане во застој и да го пропушти развојниот момент.
„Сите заеднички ќе бидеме виновници ако времето не го искористиме и ако во таа општа трка за минерали, а тие се тие коишто носат развој на секој сектор и на индустријата, буквално ќе ја доведеме државата во ситуација да стагнира и да не го фати патот и приклучокот кон сè она што е тренд во Европа и во светот“, додава Лепиткова.
Во меѓувреме, Грција и Бугарија активно користат европски средства за инвестиции во рударството и преработувачките капацитети преку европската регулатива за критични суровини. Во трката се вклучуваат и други земји од регионот.
„Во однос на отворањето на нови капацитети, Србија по тој пат чекори исклучително забрзано, Босна го следи тој пат, Албанија секако… Црна Гора како една многу мала земја со ресурсите што ги има, исто така истражува и отвора капацитети. Македонија едноставно мора да го следи тој пат и ние мора да најдеме заеднички јазик, да се разбереме и да сфатиме што е во функција на развој на државата“, посочува Лепиткова во телевизиска изјава
Претходно, универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски, оцени дека критичните минерали се оние суровини за кои постои голема побарувачка и кои имаат клучна улога во современата индустрија.
Тие се користат за складирање и производство на електрична енергија, производство на електрични возила, батерии, како и во компјутерската и дигиталната индустрија.
Начевски посочува дека меѓу значајните метални минерали се бакарот, кадмиумот и никелот, а Македонија, според него, моментално се наоѓа во состојба на „статус кво“.
„Направени се минералните испитувања, докажано е дека постојат, но досега не ги искористуваме и всушност ова се нашите „пет минути“, коишто можат да поминат, а ние така да останеме, зашто овие критични минерали во моментов се потребни“, вели Начевски.
Според него, времето е особено важно бидејќи потребата од одредени минерали може да се промени со развојот на технологијата.
„Кога за неколку децении ќе се заситат, тие метали коишто се сега во моментот критични, можеби нема веќе да бидат критични“, предупредува тој.
Во исто време, дел од државите кои располагаат со вакви ресурси не се задоволуваат само со нивна експлоатација, туку ги преработуваат и ги користат за сопствено производство.
Токму поради тоа, сè почесто се говори за „нова геополитика на минералите“, во која контролата врз критичните суровини станува сè поважна за економската, индустриската и стратешката позиција на државите.
НИ ТРЕБА РАБОТА, А НЕ ИСЕЛУВАЊЕ Жителите на Иловица со јасна порака за рудникот за бакар

