АМСМ СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Возачи, особено внимавајте на овие делници
Несреќа го блокираше сообраќајот кај Крива Паланка, а дополнително возачите треба да внимаваат и на изменетиот режим кај наплатната станица Преод.

Од 05:05 часот, сообраќајот на магистралниот пат А2, на делницата Крива Паланка – Куманово, кај местото Карчов, е целосно во прекин поради сообраќајна несреќа.
Инаку, сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат на внимателно управување со возилата, прилагодена брзина и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание се препорачува на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони.
Зголемено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 17 август до 1 октомври 2026 година, поради санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, кај наплатната станица Преод, ќе биде изменет режимот на сообраќај.
Во однос на сезонскиот режим, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила со максимална дозволена тежина до 3,5 тони.

