ЕКОНОМСКИ ДЕН Д ЗА ИРАН Бесент најави невидена финансиска офанзива против Техеран

Вашингтон најавува нови санкции и предупредува дека на удар ќе бидат и земјите што го поддржуваат Иран.

ЕКОНОМСКИ ДЕН Д ЗА ИРАН Бесент најави невидена финансиска офанзива против Техеран
Фото: Принтскрин

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, најави дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп денес ќе започне нова, досега невидена финансиска офанзива против Иран. Бесент оцени дека Трамп со досегашните воени операции ги ослабнал иранските воени капацитети, уништил речиси целосно дел од воената инфраструктура и сериозно ја погодил нуклеарната програма на земјата.

„Сега влегуваме во финалето. Во зори започнува економскиот Ден Д , најголемата финансиска офанзива некогаш започната против противник“, напиша Бесент на платформата X.

Според него, Вашингтон има намера да го искористи целиот расположлив економски и институционален арсенал за да го изолира Техеран.

„Нашата цел е да го пресечеме секој економски животен појас што го одржува тиранскиот режим сè додека Техеран не остане сам“, порача американскиот министер.

Бесент предупреди и дека земјите кои продолжуваат да соработуваат со Иран не треба да ги потценуваат последиците од спротивставувањето на Вашингтон.

Тој уште минатата недела најави нов пакет економски санкции против Иран, со мерки кои би можеле да ги опфатат и државите што го поддржуваат Техеран.

Трамп претходно најави почеток на „економска војна и изолација“ против Иран во досега невидени размери. Тој предупреди дека финансиските институции, компаниите, аеродромите и владините структури кои ќе му помагаат на Техеран би можеле да се соочат со сериозни економски последици.

Од Техеран, пак, санкциите ги оценија како „економски тероризам и злосторство против човештвото“. Иранските власти порачаа дека оние кои ги креираат и спроведуваат санкциите треба да бидат соодветно казнети.

CATEGORIES
Share This