УТРЕВЕЧЕР 10 ГОДИНИ „ЏГАН“ НА ВАРДАН ТОЗИЈА-Јубилејна проекција во летното кино на Синеплекс и средба на филмската екипа со публиката

Веднаш по проекцијата ќе биде организирана интерактивна сесија разговори со филмската екипа на „Џган“ и публиката, а потоа дружење во чест на јубилејот.

УТРЕВЕЧЕР 10 ГОДИНИ „ЏГАН“ НА ВАРДАН ТОЗИЈА-Јубилејна проекција во летното кино на Синеплекс и средба на филмската екипа со публиката
Фото: Public Relations Manager

Еден од највпечатливите филмови во современата македонска кинематографија „Џган“ по сценарио и во режија на Вардан Тозија, годинава одбележува 10 години од светската премиера, кога филмот за првпат беше прикажан на најстариот филмски фестивал во Чикаго (Chicago International film festival).

Утревечер, на 25 август, јубилејот ќе биде одбележан со проекција на филмот на „Rooftop Open Air Cinema, на отворената катна гаража во Скопје Сити Мол, со почеток во 20.30 часот.

Веднаш по проекцијата ќе биде организирана интерактивна сесија разговори со филмската екипа на „Џган“ и публиката, а потоа дружење во чест на јубилејот.

Во пресрет на јубилејот режисерот и сценарист Вардан Тозија вели:

„Џган настана како крик на очај и гнев — од времето во кое живееме, од мрачните настани и луѓето, кои ги дефинираа нашите животи… и, пред сè, од нашиот кукавички молк да смениме нешто низ сите тие раздобја, па сè до денес. Во филмот, тој молк го прекинуваат токму најранливите — „пацовите“ фрлени на маргините, кои му возвраќаат на системот на единствениот начин што го знаат. „Џган“ е снимен со огромна посветеност и љубов, низ исклучително тежок процес, во кој, на некој начин, мазохистички уживавме. Прекрасно е чувството повторно да се види филмот на големо платно, во летното кино на Синеплекс под отворено небо, и заедно да ја одбележиме неговата десетгодишнина“.

Приказната на филмот следи низа свирепи околности, кои тивкото и повлечено момче го претвораат во суров и бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од Домот за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот, зад ѕидовите на Домот, кој им нанел само болка и страдање. Свет, во кој за нив постои само едно заедничко име – „Џган“.

За овој повод, продуцентот на филмот Огнен Антов вели:

„Кога денес го гледам „Џган“, не гледам филм од пред 10 години, туку приказна, која не застарела во ниту еден кадар. Тоа е реткост, и признавам дека тогаш, кога го снимавме, не бев целосно свесен што сме направиле. Најголемата награда за мене, не е онаа од фестивалите, туку кога млад филмаџија ќе ми каже дека токму „Џган“ му бил инспирација. Затоа и после 10 години сакам новите генерации да го видат и да доживеат дека ЏГАН сè уште удира силно. Некои филмови стареат. Овој филм мислам дека само чека публиката повторно да го открие“.

Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, ко-продуцент на филмот е Red helicopter films од Албанија. Филмот беше финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Р.С. Македонија и SEE Cinema network.

Главните улоги ги играат: Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. И актерите Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски…

Под максимата „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија го напиша сценариото и ја потпиша режијата на филмот. Дизајнот на шминка и маски ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук е Игор Поповски, авторската музика е на Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов од Дрим Фектори.

Билети за јубилејната проекција на филмот пуштени се во продажба на билетарницата на киното Синеплекс во Скопје Сити Мол и онлајн на  https://cineplexx.mk/film/dzgan?location=all&event=Dzgan+10+godini&date=2026-08-25

CATEGORIES
Share This