СПИСАНИЕТО СОВРЕМЕНОСТ ОДБЕЛЕЖУВА 75 ГОДИНИ Излезе новиот број на едно од најзначајните македонски книжевни списанија
Во јубилејната година објавен првиот од двата предвидени броја за 2026 година, со богата проза, поезија, преводи, есеи и книжевни рецензии.

Списанието за литература, култура и уметност „Современост“ го објави првиот од двата предвидени броја за 2026 година – година во која се одбележуваат 75 години од неговото основање (1951–2026).
На страниците на новиот број се застапени 4 прилози проза, 5 прилози поезија, 1 сценарио, 2 книжевни превода, 2 прилози интерпретации и 3 рецензии, со што јубилејното издание носи разновидна и богата книжевно-уметничка содржина.
Меѓу објавените прилози се издвојуваат трудовите „Етичките димензии и влијанија на филмската индустрија и уметност“ од Стефан Марковски и „Коригирање и уточнување: Кон песните на Илинка Везенковска (Везенковиќ) во зборникот на Милош С. Милоевиќ“ од Славчо Ковилоски.
Во бројот е објавен и есејот „Кој ги скрши крилцата на галаби бели“ од Васил Тоциновски, циклус кратка проза од Катерина Момева, како и извадок од романот „Немам страв“ од Трајче Стамески.
Поетскиот дел го сочинуваат прилози од Христо Петрески, Васил Дрвошанов и Александра Јуруковска, додека книжевните дела се претставени и преку рецензии од Лидија Капушевска – Дракулевска, Јованка Денкова и Силвана Димитриевска.
Илустрациите во јубилејниот број се дело на ликовниот уметник Иван Ивановски, а целокупната содржина е достапна во објавените фотографии.
„Современост“ почнува да излегува во април 1951 година, во издание на Книгоиздателството „Кочо Рацин“. Списанието го создаваат уредниците на првото македонско книжевно списание „Нов ден“ (1945–1950), чиј директен наследник станува „Современост“.
По 75 години постоење, списанието продолжува да биде значаен простор за македонската литература, култура и уметност, а новиот број го потврдува неговото континуирано присуство на домашната книжевна сцена.

