ЖЕСТОК ПРЕЧЕК ЗА АЛВАРЕЗ Кажете му да си оди, Атлетико не памети ваква атмосфера

Навивачите го дочекаа со свирежи, Симеоне го бранеше, а Аргентинецот веднаш по натпреварот замина во соблекувалната – драмата околу неговото заминување во Барселона ескалира.

ЖЕСТОК ПРЕЧЕК ЗА АЛВАРЕЗ Кажете му да си оди, Атлетико не памети ваква атмосфера
Фото: Принтскрин

Атлетико Мадрид одигра 2:2 против Виљареал во второто коло од Ла Лига, но резултатот остана во втор план поради драмата околу Хулијан Алварез.

Аргентинскиот напаѓач за првпат се соочи со навивачите на Атлетико откако во јавноста изрази желба да го напушти клубот и да се пресели во Барселона. Тоа очигледно не им се допадна на симпатизерите на мадридскиот клуб, кои уште при претставувањето на составот го пречекаа со силни свирежи.

Алварез, кој има договор со Атлетико до 2030 година и откупна клаузула од 490 милиони евра, се најде во центарот на вниманието и кога Диего Симеоне реши да го внесе во игра.

Аргентинецот влезе во 66. минута, но наместо поддршка, од трибините повторно следуваа свирежи и скандирања против Барселона и Каталонија. Речиси секој негов контакт со топката беше проследен со негодувања, а во еден момент се слушаше и: „Кажете му да си оди!“

Драмата продолжи и по последниот свиреж. Додека останатите фудбалери на Атлетико отидоа да ги поздрават навивачите, Алварез веднаш замина во соблекувалната.

Сепак, соиграчите и тренерот застанаа зад него. Голманот Јан Облак повика на единство и порача дека Алварез ќе ја има нивната поддршка сè додека е дел од тимот.

„Хулијан е дел од нашиот тим и, додека е тука, ќе ја има нашата поддршка. Ова е непријатна ситуација за сите, но се надевам дека на крајот од сезоната сè ќе се реши и дека сите ќе бидеме среќни“, изјави Облак.

И Симеоне се обиде да ја смири ситуацијата, нагласувајќи дека Алварез е важен за тимот.

„Сè додека играчите се во тимот, целосно стојам зад нив. Ни требаат напаѓачи, добри напаѓачи. Го имаме Алварез и мора да се грижиме за него“, рече тренерот на Атлетико.

Симеоне откри и дека одлуката Алварез да не им се придружи на соиграчите по натпреварот не била негова.

Случувањата потсетуваат на периодот низ кој помина Антоан Гризман. Французинот во 2019 година го напушти Атлетико и се пресели во Барселона, но две години подоцна се врати во Мадрид. Пред своето заминување од Атлетико, Гризман повторно им се извини на навивачите и призна дека направил грешка.

Алварез сега се наоѓа во слична, но уште посложена ситуација. Тој сака трансфер, навивачите се против него, додека Атлетико јасно става до знаење дека не планира лесно да се откаже од еден од своите најважни фудбалери.

Трансфер-сагата продолжува, а наредните денови би можеле да донесат нов пресврт.

CATEGORIES
Share This