ШТО ЗНАЕ БУЈАР „Вреди“ го прозва Османи додека Груби седнува на обвинителна клупа

Од коалицијата прашуваат зошто Османи со месеци молчел за Груби и дали зад неговото молчење стоеле партиски калкулации.

ШТО ЗНАЕ БУЈАР „Вреди“ го прозва Османи додека Груби седнува на обвинителна клупа
Фото: Принтскрин

Денешното судење против Артан Груби, според коалицијата „Вреди“, дополнително ја разоткрива политичката состојба во ДУИ. Од коалицијата оценуваат дека Груби се соочува со правдата, Али Ахмети е под притисок, а Бујар Османи ја чека својата можност за преземање на лидерската позиција во партијата.

„Вреди“ во соопштението го обвинува Османи дека со месеци молчел за случајот со Груби, иако двајцата во минатото биле дел од највисокото раководство на ДУИ.

Од коалицијата велат дека Османи наместо функцијата министер за надворешни работи да ја користи исклучиво во интерес на државата, ја користел и за внатрепартиски пресметки и создавање позиција за евентуално преземање на раководството на ДУИ.

„Денес сценариото станува сè појасно: Груби пред судот, Али Ахмети под притисок, а Бујар ја чека фотелјата на претседателот на ДУИ“, наведуваат од „Вреди“.

Од коалицијата го повикуваат Османи јавно да објасни зошто молчел за Груби во периодот кога двајцата биле на врвот на ДУИ и што знае за случајот.

Според „Вреди“, прашањето не е само кој денес зборува за случајот, туку и зошто одредени политичари претходно молчеле.

„Груби нека одговара пред правдата. Бујар нека им одговори на граѓаните“, порачаа од коалицијата.

CATEGORIES
Share This