КАДЕ ИСЧЕЗНАА КРАВИТЕ Грција во нов скандал со милиони евра европски субвенции

Владините евиденции откриваат огромни разлики меѓу бројот на животни и исплатените субвенции, а EPPO веќе истражува земјоделска измама.

КАДЕ ИСЧЕЗНАА КРАВИТЕ Грција во нов скандал со милиони евра европски субвенции
Фото: Принтскрин

Грчките земјоделци во 2024 година добиле субвенции од Европската Унија за десетици илјади повеќе фармски животни отколку што може да се потврди со официјалните статистички податоци на земјата. Ова го покажува анализа на POLITICO, базирана на владини податоци, која отвора ново прашање во веќе големиот скандал со земјоделските субвенции во Грција.

Најголеми несогласувања има кај говедата. Според податоците на грчкото Министерство за земјоделство, во 2024 година биле исплатени европски субвенции за околу 260.000 крави во лактација. Бидејќи една крава во просек раѓа по едно теле годишно, тоа би значело приближно ист број нови телиња во националното стадо.

Во истата година, околу 70.000 говеда биле заклани за месо, а дел од животните биле отстранети и поради старост, намалена продуктивност или болести.

Тројца грчки сточари изјавиле за POLITICO дека годишно се отстрануваат околу 20 проценти од стадото. Ако се земе предвид дека во 2024 година во Грција имало околу 600.000 говеда, тоа би значело дека приближно 120.000 животни годишно исчезнуваат од стадото поради различни причини.

Според овие пресметки, бројот на говеда во Грција во 2024 година би требало да расте. Сепак, официјалните податоци покажуваат спротивен тренд.

ЕЛСТАТ објавил дека бројот на говеда се намалил од околу 640.000 во 2023 година на 600.000 во 2024 година, а потоа дополнително паднал на околу 520.000 во 2025 година.

Дополнителни несогласувања има и кај овците и козите. Според ЕЛСТАТ, во 2025 година Грција имала околу 8,8 милиони овци и кози, додека во Интегрираниот ветеринарен информативен систем биле заведени околу 15,7 милиони животни.

Претставници на грчкото Министерство за земјоделство, кои зборувале анонимно, велат дека министерството не е директно одговорно за водењето на евиденцијата за добитокот и се потпира на податоци што ги доставуваат локалните власти.

Експерти и сточари предупредуваат дека Грција нема доволно сигурен и целосно функционален регистар на добиток врз кој би можеле прецизно да се темелат исплатите на европските субвенции.

„Нема надзор и не можеме да имаме точна бројка бидејќи нема точни податоци“, изјавил Никос Димопулос, претседател на Здружението на сточари од Кавала.

Поради сомнежите, до Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител (EPPO) биле доставени пријави за можни злоупотреби. Прашањето го истражувала и новата левичарска партија на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, која направила сопствена анализа на бројот на добиток.

EPPO веќе води повеќе случаи поврзани со сомнителни исплати на европски земјоделски средства. Во дел од нив станува збор за земјоделци кои наводно добивале субвенции за пасишта што не ги поседувале или не ги изнајмиле, како и за активности што не биле извршени.

Во јули, Европското јавно обвинителство објави дека поднело обвинение против 22 лица, меѓу кои и четворица пратеници од владејачката Нова демократија, во рамките на истрагата за земјоделска измама. Сите обвинети пратеници ги отфрлаат обвинувањата, а судските постапки треба да започнат во Атина во октомври.

Еден од случаите се однесува на наводна исплата на субвенции за поголем број крави од оние што одгледувачот реално ги поседувал. Според документите на EPPO, во случајот се споменува и интервенција на пратеник, како и наводна промена на податоците во официјалната ветеринарна база.

Скандалот ја натера грчката влада да најави нови механизми за контрола. Меѓу мерките е и електронската идентификација на овците и козите преку специјални уреди – болуси, кои се поставуваат во желудникот на животните.

Пилот-проектот треба да опфати фарми со повеќе од 900 животни, односно околу 700.000 овци и кози, а потоа системот постепено да биде проширен.

Грција во март до европските институции доставила и акциски план со мерки за спречување неправилности при распределбата на земјоделските фондови.

Европската комисија соопшти дека ќе продолжи да соработува со грчките власти за подобрување на системот за управување со европските земјоделски субвенции.

Сепак, податоците за бројот на животните и исплатените субвенции отвораат сериозно прашање: колку животни навистина има во грчките фарми и врз основа на какви податоци се исплаќаат милиони евра од европските фондови?

CATEGORIES
Share This