ЗА НИВ ИМА ТЕРМИН ВЕДНАШ Државни институции им плаќаат приватни мамографии на вработените жени, граѓанките со месеци чекаат

Приватниот преглед чини до 5.000 денари, а услугата е обезбедена со буџетски средства – додека во јавното здравство жените тешко доаѓаат до термин за мамографија.

ЗА НИВ ИМА ТЕРМИН ВЕДНАШ Државни институции им плаќаат приватни мамографии на вработените жени, граѓанките со месеци чекаат
Фото: Принтскрин

Собранието обезбедува приватни мамографски прегледи за пратеничките, службеничките и жените вработени во кабинетот на претседателот на Собранието, во време кога граѓанките со месеци се соочуваат со проблеми при закажување мамографија во јавното здравство поради недостиг на термини.

Приватниот мамографски преглед во Македонија чини меѓу 3.000 и 5.000 денари. Услугата е додадена во пакетот за систематски прегледи што го користат пратениците и вработените во Собранието.

Одлуката за избор на најповолна понуда од приватна здравствена установа од Скопје била донесена во март.

Прашањето што се наметнува е зошто, доколку со буџетски средства може да се обезбедуваат приватни здравствени услуги за пратениците и собраниските службеници, истите средства не се насочат кон подобрување на достапноста на здравствените услуги за сите граѓани.

Особено се поставува прашањето зошто од собраниската говорница почесто не се отвора проблемот со долгото чекање за мамографски прегледи во јавното здравство, како и прашањето за високата стапка на заболување и смртност од рак на дојка во земјава.

Случајот со Собранието не е единствен. Сè поголем број институции и државни компании обезбедуваат приватно здравствено осигурување за своите вработени, кое се финансира со средства од јавните буџети.

Меѓу нив е и АД „Електрани на Северна Македонија“ – ЕСМ, каде што е спроведена набавка под назив „ЛОТ 10 – Дополнително приватно здравствено осигурување на вработени во АД ЕСМ“.

И Државна видеолотарија на Република Македонија има склучено договор за доброволно приватно здравствено осигурување за период од две години.

Приватно здравствено осигурување имаат и вработените во Народната банка, како и менаџментот и вработените во Развојната банка на Северна Македонија.

На списокот се и професорите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, кои исто така имаат приватно здравствено осигурување финансирано преку институцијата.

Така се создава парадоксална ситуација: дел од оние што се платени од државниот буџет имаат можност здравствените услуги да ги користат приватно, додека голем број граѓани, од чии средства се полнат тие буџети, се соочуваат со долги листи на чекање и недостиг на термини во јавното здравство.

Наместо приватното здравство да биде привилегија достапна преку буџетски средства за вработените во државните институции, клучното прашање е зошто јавниот здравствен систем не обезбедува навремена и еднакво достапна здравствена услуга за сите граѓани.

CATEGORIES
Share This