НОВИ ПРАВИЛА НА ПАТИШТАТА Возачите мора да внимаваат на овие делници

Зголемен сообраќај, задржувања на Табановце и Богородица, а на повеќе делници има изменет режим поради градежни активности.

НОВИ ПРАВИЛА НА ПАТИШТАТА Возачите мора да внимаваат на овие делници
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, а коловозите се суви. Сепак, интензитетот на сообраќајот надвор од населените места е зголемен.

На граничниот премин Табановце за влез и излез од државата се чека околу 40 минути, додека на Богородица, при излез од државата, задржувањето е околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања.

АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од одрони. Зголемено внимание се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 17 август до 1 октомври 2026 година е изменет режимот на сообраќај пред наплатната станица Преод, поради санација на косината на автопатот А4 на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип.

До 31 август важи летниот режим на сообраќај, со забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони на државните патишта во одредени термини.

Забраната важи:

  • петок: од 17:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 09:00 до 18:00 часот;
  • недела: од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, забраната од понеделник до четврток важи од 11:00 до 17:00 часот.

Од ограничувањето се изземени возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни производи, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и одредени возила ангажирани на проекти на државните патишта.

Посебен режим до 1 септември важи и на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје, каде е забрането движењето на товарни возила над 7,5 тони во одредени периоди за време на викендите.

Активни работи на патиштата

На повеќе делници низ земјава е воспоставен времен режим поради градежни и санациони активности.

Во Штип, од 6 јули се врши санација на мостот на реката Брегалница на патот Р1204, при што важи привремена измена на сообраќајот.

На патот А2 Гостивар – Стража се вршат санации на мостовите, вклучително и вијадуктите на Атанасова Река и Дол, поради што сообраќајот се одвива според времен режим до завршување на работите.

Времен режим има и на мостовите на А2 кај село Желино, во двата правци, поради санација.

На автопатот А1, делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности за премин на интерконективен гасовод под автопатот, со поставена соодветна сигнализација.

На скопската обиколница, на А2, се врши рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово, при што е затворена левата лента за претекнување.

Времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, каде се санира свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.

Инаку, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

CATEGORIES
Share This